Сѐ е подготвено за седмото издание на најголемиот фестивал на електронската музика кај нас, GREEN BEACH FESTIVAL кој ќе се одржи викендов (30-31 јули) во Охрид. Со највозбудливата програма во која се запишуваат вкупно 14 изведувачи на кои подеднакво им се восхитува и комерцијалната и андерграунд сцената, GREEN BEACH FESTIVAL ги претставува врвните уметници на електронската музика кои гарантираат исклучително дводневно доживување!
„Пред нас едно од најсилните изданија досега, кое стапува на сцена со ексклузивни настапи на светската диџеј елита и со врвен продукциски тим задолжен за неповторливо аудио и визуелно искуство, кое ги исполнува највисоките критериуми на фестивалите од светскиот крем.“– велат организаторите.
Утре (30-ти јули) меѓу предводниците на програмата се запишува виртуoзот зад диџеј пултот и технички ненадминливиот англиски диџеј и продуцент JAMES ZABIELA. Со помош на неговите атрибути James Zabiela е заштитно лице на Pioneer, и ги тестира и презентира најновите технолошките достигнувања во диџејската опрема. Низ неговата густа агенда за 2016 година, која се простира низ 5 континети од светот, успеавме да украдеме термин за да го донесеме ексклузивно на Green Beach Festival, каде што ќе имаме прилика да го чуеме неговиот уникатен стил, со кој неуморно ги поместува границите на презентирање на музиката. Саботната вечер на фестивалот е во знак и на еден од апсолутните феномени на современата електронска сцена BLACK COFFEE, кој на досега најголемата бина на GREEN BEACH FESTIVAL ќе го донесе најфиниот хаус звук за отворањето на седмото издание. Суперѕвездата од Јужна Африка доаѓа прв пат пред македонската публика и тоа со најсвежиот звук во моментов со која на езерскиот брег на плажа Парк ќе ја пренесе енергијата од водечките клубови од Ибица, Мајами и Њујорк. За вистинска саботна треска на подиумот ќе се погрижат и дел од најистаканите претставници на домашната сцена: LEPHONQ, МИРКО ПОПОВ и МАЦИ СТОЈАНОВИЌ б2б ТОМИ БОЈАЏИ.
Во недела (31-ви јули) грандиозниот подиум на GREEN BEACH FESTIVAL е резервиран за најпопуларната техно сензација DUBFIRE – артистот кој секогаш ги поместува стандардите за врвно музичко доживување ширум светот! Од глобален комерцијален успех, па сѐ до култен статус во андерграунд музиката, Ali Shirazinia ака DUBFIRE е артист чија движечка сила, талент и интуиција му овозможија да го ужива епитетот како најдобар и најбаран проект во електронската музичка сцена секаде низ светот. Интеркативната визуелизација на 2D и 3D проекции и изведување на неговиот музички перформанс во живо со голем број машини го прават екстравагантното и уникатно доживување наречено HYBRID. Оваа година ја имаме таа чест ексклузивно да го искусиме ова светски познато музичко и визуелно доживување, кое ги преполнува сите објекти ширум светот. Истата вечер нѐ очекува уште еден екслузивитет со првиот настап кај нас на ÂME – најпопуларниот германски проект кој ги освои светските подиуми со својата неприкосновена музичка продукција. Веќе со широко отворени врати кон светот, Âme е на мисија да го презентира концептот на лејблот Innervisions и секако нивниот модерен и уникатен звук, а со сигурност еден од моментите кои со нетрпение го очекуваме во недела е оној кога подиумот на Green Beach Festival ќе одекне во препознатливата хипнотизирачка мелодија на нивниот светски познат хит „Rej“. Подеднакво атрактивна е и листата на македонски изведувачи задолжени за големото затворање на седмото издание на Green Beach Festival. Во оваа мисија во недела ни се придружуваат ИЛИНА АНГЕЛ, ВИДИНОВСКИ и ФЛУДЕР, а изгрејсонцето на плажа Парк го дочекуваме со back 2 back сетот на СТОЈЧЕ и ГОРАН КАН!
Искористете ја последната прилика и за билетите во претпродажба кои чинат 450 денари за еднодневните, 700 денари за блок билетите и 800 денари за ВИП. Претпродажбата се спроведува преку МКтикетс, како и онлајн на овој линк.
За време на одржувањето на настанот пак, на 30-ти и 31-ви јули влезниците ќе се продаваат на билетарата пред главниот влез на плажа Парк по нивната полна цена:
* еднодневни влезници – 500 денари,
* блок влезници – 800 денари,
* ВИП влезници – 1.000 денари.
Поради големиот интерес за Грин Бич Фестивал, вратите се отвораат во 20 часот, а програмата започнува во 21 часот.
„За ова да биде уште едно извонредно и најпозитивно искуство за сите посетители, ве замолуваме имајте ги предвид нашите препораки:
* Оставете ги вашите автомобили дома и на плажа Парк дојдете со такси или јавен транспорт. Паркингот е ограничен, локацијата на само 7 минути возење од „Билјанини извори“, а ќе заштедиме зелена површина и вие на раат ќе можете да уживате во алкохолен пијалок.
* Вратите се отвораат во 20:00. Дојдете порано, искористете ја шансата да се журкате подолго и да избегнеме метеж на влезот.
* Блок влезницата важи за двата дена. Ве молиме чувајте ја и за вториот ден.
* На Грин Бич Фестивал не е дозволено внесување на храна, пијалоци, професионална опрема за снимање, дрога, оружје од каков било вид и пиротехника.
* Фестивалот има два влеза:
– ВИП, од страната на дискотеката Парк, каде пристапот е дозволен само за оние со ВИП влезници.
– Главниот влез, на средината на плажата Парк.
Подгответе се за експлозивната забава на плажа Парк во Охрид и грандиозниот настан кој седма година по ред го потврдува својот статус на единствено доживување за фановите на електронската музика! Се гледаме на GREEN BEACH FESTIVAL!“- велат организаторите.