Заврши петтото издание на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца

Со настапот на Викторија Чочороска од Вевчани студенетка по соло пеење на ФМУ во Скопје во придружба на Алмин Бајрамоски и познатиот афористичар Сашо Бетоски од Вевчани вчеравечер во Трпејца беше заокружено петтото издание на манифестацијата НА ЗАЈДИСОНЦЕ.

Афоризмите на Бетоски не оставија никого рамнодушен во публиката која уживаше и во настапот на Чочороска и нејзината одлична изведба на македонски и низа странски хитови од забавната музика, додека во вториот дел од концертот изведе неколку стари македонски народни песни по кои присутните побараа таа да пее на бис.

Гостувањето на вевчаници е резултат на лани воспоставената соработка меѓу културните лета од Вевчани и Трпејца.

Претходно на летната сцена со турнир беше заокружена традиционалната школа за шах раководена од Борис Лушески од ШК „Ласкер“ од Охрид. Претпладнето околу четриесеттина трпејчани и туристи прошетаа по патеката Чоколско која е дел од националниот парк „Галичица“ и е надвисната на најубавиот природен предел меѓу Трпејца и Градиште.

Ден пред тоа со доделување благодарници и други подароци беше затворена школата за пливање со која од почетокот на манифестацијата „На зајдисонце“ раководи познатата Соња Думбалоска – Делова.
Ансамблот „Билјана“ вечерта го промовираше своето најново ЦД „Ој љубов, љубов“ и како по обичај ги собра сите симпатии на публиката.

Вторникот вечерта преку видео – презентација д-р по биолошки науки Трајче Талевски одржа предавање за рибното богатство на Охридското Езеро кое беше проследено со особен интерес и од малите , но возрасните посетители.

Организатор на културно – забавното лето „На Зајдисонце“ беше Здружението за промоција и развој „За Трпејца со љубов“ под покровителство на Општина Охрид. Генерален спознор беше ресторанот „Рибар “ а неговото одржување го помогнаа и други спонзори и донатори од Трпејца, Охрид и Скопје.