Во Големата изложбена сала на Центарот за култура „Григор Прличев“ од 20 часот ќе биде отворена тематската изложба „Мандала“ со дела на нашата уметничка Соња Чингарова – Фотева.
Фотева е автор е на повеќе самостојни изложби од 1993 година па сè до денес во Македонија и надвор од неа.
Фокус на нејзиниот интерес и проучување се различните културни наследства и филозофии кои ги преточува во своите сликарски дела.
Кога станува збор за нејзината вечерашна изложба, „Мандала“ е слика на круг и квадрат, динамичка претстава на односот помеѓу трансцедентното, вечното, божественото, кон кое човекот природно тежнее, и земното, временското, материјалното, во кое се наоѓа сега. Мандалата со својата складна конфигурација на спротивности, ги спојува патувањето со неговата цел, внатрешното и надворешното, кругот и правоаголникот, средиштето и периферијата, небото и земјата, различноста и единството на сè во универзумот.
Ликовниот јазик на Соња Чингарова Фотева ја репостулира фината, драматичната и аналитичната природа на позивот на уметноста. Строгото и крајно сериозно поставување на структурите на композицијата која еманира познати симболи во деликатната и минуциозна динамика и „обработеност“ на сликарските елементи (цртежот, бојата, текстурата) ја манифестира интенцијата на уметницата, во својата творба да ја надмине редундантноста на приказот на интенција со тривијална идејна содржина.