Обраќање на претседателот Иванов по повод 2 Август – Илинден 2016 година

Обраќање на претседателот Иванов по повод 2 Август – Илинден 2016 година

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани потомци на нашите знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија,

Денес, на ден Илинден, во годината кога одбележуваме четврт век независност, ви го честитам најголемиот македонски празник. Овој четврт век независност се надоврзува на повеќе од седум децении од АСНОМ и повеќе од еден век од Илинден 1903-та, но и на многувековниот стремеж и борбата за слободна Македонија.

Во овој четврт век се вткаени сите соништа и надежи за слобода, сите херојски подвизи и борби за државност, сите стремежи и потфати за независност и сувереност.

Но, исто така, во овој четврт век се вткаени и сите предизвици и закани, сите поделби и сета нетрпеливост со која се соочувавме од мугрите на македонската борба за слобода.

Драги сограѓани,

По многувековно ропство, на ден Илинден 1903-та, во херојско Крушево, нашите херои го кренаа бајракот на слободата и правдата. Илинденското востание нè стави меѓу народите достојни за слобода. Но, востанието траеше кратко. Битката беше изгубена, но борбата за слобода не престана.

И веднаш по востанието, низ Македонија се чу гласот на пропагандите што нè обесхрабруваше:
Премногу сте мали. Премногу сте слаби. Не можете сами.

Пропагандите го посеаја семето на поделбите и братоубиството. Започна да се придвижува спиралата на одмаздата и реваншизмот.

Балканските војни и Првата светска војна нè затекнаа разединети, раскарани и закрвени. Затоа, како народ бевме поделени.

Ги искусивме најтегобните години од нашата историја. Години исполнети со присилни мобилизации и реквизиции, репресии и прогони, асимилации и денационализации. Бевме втурнати во беда и во сиромаштија. Бевме ограбени речиси од сè, освен од споменот за Илинден. А тој спомен го негувавме од година во година.

Во 1903-та, веднаш по задушувањето на востанието, Востаничкиот штаб истакна дека „ќе го развиеме револуционерното знаме свиткано оваа есен, за да блесне одново во поблагопријатно време. А тоа време е близу”.

20 години подоцна, Димо Хаџи Димов одново потсети дека по крвавиот прв Илинден, Македонија ќе доживее втор Илинден.

Во 1941-та, Покраинскиот комитет, на чело со Методи Шаторов-Шарло, ги повика сите чеда на Македонија храбро да го чествуваат денот на Илинденското востание.

Ченто беше еден од организаторите на нелегалните илинденски демонстрации во Прилеп.

Кузман Јосифовски-Питу, пак, порача дека „споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите што ја сакаат својата земја, да дадат сè од себе за остварување на еден нов, последен и победоносен Илинден…”

ilinden3Од година во година, старите борци и младите револуционери го одржуваа сеќавањето за Илинден. Го одржуваа бидејќи ја познаваа сплотувачката моќ на идејата за слобода. И, бидејќи знаеја дека, за разлика од претходно, ја научивме лекцијата. Втората светска војна ја дочекавме подготвени и во борба влеговме сплотени.

Во прогласот до народот на Македонија од јуни 1943-та, подготвен од Кузман Јосифовски-Питу, се вели: „И покрај сите тешкотии, нашиот народ е сè поединствен и поодлучен во борбата против фашистичките окупатори. Создадени се сите предуслови за полно единство на целиот наш народ околу народноослободителниот фронт… Нашиот народ никогаш немал таков погоден момент како што има денеска, за остварување на својот вековен идеал – слободна Македонија! “.

Тој вековен идеал беше остварен на вториот Илинден.

На првото заседание на АСНОМ беа удрени темелите на првата слободна македонска држава. Држава во која се гарантира слободата и рамноправноста на сите нејзини граѓани, независно од верската, етничката или политичката припадност. Држава во која на секој граѓанин му се гарантира правото на лична сигурност, сопственост и имот. На секој граѓанин му се гарантира слободата на совеста и говорот. Демократска држава во која секој има право да избира и да биде избран.

Од првиот до вториот Илинден, од Крушево 1903-та до АСНОМ 1944-та, како народ ние научивме една скапоцена лекција. А тоа е дека секогаш кога сме поделени, ние сме и поробени. Секогаш кога сме сплотени, ние сме слободни.

Но, таа слобода не успеавме да ја одржиме во нејзината целост. И како што туѓите пропаганди го посеаја семето на поделбите, така црвот на сомнежот почна да го разјадува ткивото на Македонија. По втор пат во нашата историја се чу гласот на пропагандите:

Премногу сте мали. Премногу сте слаби. Не можете сами.

Ченто, Брашнаров, Чучков, Шатев, Полежиновски, Влахов и многу други знајни и незнајни патриоти не подлегнаа на искушението и одбија да го послушаат тој глас. Тие цврсто веруваа дека можеме да бидеме свои на своето. И тоа им се зеде за грев.

Ниту мастилото со кое се потпишаа државотворните одлуки од АСНОМ не се беше исушило, а оние кои веруваа во државотворниот капацитет на македонскиот народ беа тргнати настрана. Оние кои имаа храброст да се спротивстават на едноумието на Комунистичката партија паднаа во немилост. Со тоа одново започна да се придвижува спиралата на одмаздата и реваншизмот.

И така, имавме држава, но без независност. Стекнавме сувереност, но истата ја пренесовме на федерацијата. Бевме спречени да бидеме господари на сопствената судбина. Станавме дел од сложена заедница која внимателно маневрираше во идеолошки поделениот свет. Бевме лишени од многу нешта, но не и од споменот за Илинден.

Половина век подоцна, Железната завеса почна да попушта. Берлинскиот ѕид се сруши. Блоковската поделба заврши. Но, со крајот на Студената војна настапи пролетта на идентитетите и на неостварените идеали за слобода, независност и самостојност. Идеали за самоостварување.

И тогаш, во тие клучни моменти, како и половина век претходно, ние, граѓаните на оваа земја се сетивме на заветите од Илинден и АСНОМ. По третпат во историјата се сплотивме за да бидеме свои на своето.

ilinden4На почетокот, ретко кој не сфаќаше сериозно. Ретко кој веруваше дека ќе имаме храброст да прогласиме независност. И по третпат во нашата историја се чу ехото од пропагандите што нè обесхрабруваа:

Премногу сте мали. Премногу сте слаби. Не можете сами.

Но, ние веќе бевме помудри за два Илиндена, и за две изгубени можности. И немаше да дозволиме да ја повториме грешката.

Од вториот до третиот Илинден, од АСНОМ 1944-та, до 8 септември 1991-та, како народ ние ја научивме втората лекција. А тоа е дека кога се сомневаме во себе ‒ губиме, а кога веруваме во себе ‒ победуваме.

Верувавме и победивме. Гласавме за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна и како граѓанска и демократска држава.

Пред 25 години излеговме од урнатините на една поранешна заедничка држава за да станеме дел од меѓународниот поредок на држави изграден по Втората светска војна. Го напуштивме јатото на неврзаните земји и народи од третиот свет за да го пронајдеме нашето место во првиот, развиен и демократски свет. Но, додека ги правевме првите чекори како независна и суверена држава, не ни сонувавме дека влегуваме во поредок чии темели се напукнати и чии потпорни столбови се разнишани.

Почитувани сограѓани,

Како и пред повеќе од седум децении, така и денес, светот повторно се наоѓа во период на голема трансформација. Расцепот меѓу фактичката и медиумската реалност од ден во ден се продлабочува. Центрифугалните сили на глобализацијата го рушат поредокот создаден по Втората светска војна. Ова е време на длабоки кризи и крвави конфликти, на пропаднати држави и разорени општества. Време на милиони бегалци и мигранти кои се во потрага по среќа. Ова е доба на радикални идеологии кои метастазираат и зафаќаат млади, отфрлени и незадоволни поединци од европските гета.

На европскиот хоризонт се надзира нова реалност. Европската Унија ги избриша внатрешните без да ги утврди и заштити надворешните граници. Првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики. Јазот меѓу заедничките цели на Европската Унија и посебните интереси на државите членки е сè поголем. Со Брегзит, наместо да се обединува и проширува, Унијата полека почна да се фрагментира и намалува.

Во вакви услови, многу нешта не зависат од нас. Геополитичките игри, економските кризи, големите миграциски бранови, тековите на геопрофитот, транснационалните ризици и закани од организиран криминал и тероризам, се само дел од глобалните процеси што влијаат и врз нас.

Но, има нешта кои зависат од самите нас. Секоја држава е онолку суверена колку што ја контролира својата територија. Сфативме дека ако прво сами себеси не си помогнеме, никој друг нема да ни помогне. Затоа, наместо реактивни, решивме да бидеме проактивни. Многумина не очекуваа територијално мала држава како Македонија да биде толку отпорна и цврста пред заканите од илегалната миграција. Сепак, успешно се соочивме со првиот миграциски бран. Покажавме дека имаме армија и полиција што можат да ја чуваат границата.

ilinden7Излегуваме на крај и со безбедносните закани од насилен екстремизам и тероризам. Спречивме масакри и крвопролевања какви што гледаме насекаде во светот. Затоа, повторно сакам да изразам голема благодарност на нашите безбедносни сили и служби за нивниот професионализам и посветеност. Тие деноноќно ја чуваат нашата безбедност и безбедноста на нашите деца.

Но, бурата само што започна. Регионалните кризи и конфликти на Блискиот Исток и во Северна Африка ги зголемија ризиците за загрозување на безбедноста на Република Македонија. Сè уште постои висок ризик од заканата од странски терористички борци. Вториот мигрантски бран е на повидок.

Речиси секојдневните терористички напади во Европа и во светот се новата реалност. Како држава, ние мора да се навикнеме да живееме и да функционираме во таква реалност. Во вакви сложени услови, повеќе од кога било порано сите ние мора да бидеме сплотени и единствени. Но, дали сме?

Се вели дека најдобар начин да се разбере карактерот на една нација е да се знае која е нејзината најголема вредност. Што е тоа што таа нација најмногу сака? Дали е тоа слободата, или правдата, или честа, или богатството? Дали се тоа материјалните или духовните вредности? Дали е тоа минатото, сегашноста или иднината? Во овие изминати 25 години се покажа дека ние како нација најмногу го сакаме она што го немаме. И затоа го запоставуваме она што го имаме, а тоа е државата.

Во време кога во светот немавме многу пријатели и сојузници, требаше сами да си бидеме најверните пријатели и најлојалните сојузници. Но, духот на реваншизмот не мируваше. Многу бргу се отворија старите рани и се фрли сенка врз независноста.

Драги сограѓани,

Новите комуникациски технологии ни овозможија да бидеме првата генерација Македонци која може да пребива во она што Блаже Конески го нарече нашата единствена комплетна татковина. А тоа е македонскиот јазик. За првпат во историјата во реално време можеме да комуницираме со сите наши сонародници во светот на нашиот македонски јазик. Но, со какви зборови ја исполнивме таа наша татковина? Цинизмот е сеприсутен. Наместо да се издигнуваме, ние со зборовите се понижуваме. Станавме политички поларизирано општество, запоставувајќи ја политичката култура. Станавме заложници на омразата кон другиот.

Иако 25 години сме независни, изгледаме како зависници од туѓи интереси и планови.

Затоа, прашањето не е како Македонија успеа да биде независна. За таа независност се бореле и се избориле нашите предци. Вистинското прашање е: како Македонија успеа да остане независна во услови на длабоки политички и идеолошки поделби. Во услови кога противникот го омаловажуваме, деградираме, дехуманизираме, наместо, да го почитуваме неговото право на различно мислење и истото да го побиеме со аргументи. Едно семејство не може да функционира без дијалог, почитување, компромис и единство. А како што Македонија е нашиот заеднички дом, така и ние, независно од етничките, верските и политичките разлики сме едно семејство.

ilinden6Почитувани сограѓани,

Како што во 1941-та се сплотивме за да се избориме за слобода и државност, како што во 1991-та се сплотивме за да прогласиме независност и сувереност, така и денес, треба да се сплотиме за да ја зачуваме слободата и државноста, независноста и сувереноста на Република Македонија. Денес, повеќе од кога и да е порано, потребен ни е процес на национално помирување!

Но, како ќе се помириме? Има само еден начин. А тоа е со жртва.
Борците во 1941-та беа подготвени да ги жртвуваат своите животи за слободата и за државноста на Македонија.

Македонските граѓани во 1991-та беа подготвени да го жртвуваат сигурниот, но зависен живот во федерација за да ја искусат слободата и независноста во неизвесниот меѓународен поредок.

Така, и денес, кога одбележуваме четврт век независност, мора да дадеме жртва за да се помириме, да се сплотиме и да опстанеме во овој анархичен свет.

Но, која е жртвата на оваа наша генерација?

Драги сограѓани,

25 години сме слободни и независни. Имаме избори на кои граѓаните ги избираат своите претставници во институциите на државата. Имаме институции кои носат и спроведуваат закони. Но, тоа не е доволно. За нас важи една стара мудрост што вели дека духот на слободата не живее само во законите и во институциите. Слободата, пред сè, треба да пребива во срцата на луѓето.

И ниту еден закон, и ниту една институција или политика не може да ја одржи слободата на Македонија, ако таа слобода прво не пребива во срцата на македонските граѓани. И сè додека слободата пребива во нас, ние ќе бидеме слободни граѓани во слободна држава.

Но, слободата не може да опстане без поредок. И тука не се мисли само на уставниот и правен поредок, туку на нешто многу подлабоко и посуштинско. Историјата покажала дека единствениот поредок што е соодветен на слободата е воздржаноста.

Но, токму воздржаноста е најранлива тогаш кога имаме слобода. Зошто? Бидејќи, кога сме слободни мислиме дека сè ни е дозволено и дека можеме да правиме сè што ќе посакаме. Дека имаме права без одговорности.

Но, каква е таа жртва на која ве повикувам? За каква воздржаност ви зборувам?

По долго време и исцрпувачки преговори, постигнат е договор за надминување на политичката криза. Со помош на меѓународните посредници, лидерите на политичките партии се договорија за предвремени парламентарни избори. Го поздравувам овој договор што македонските граѓани го дочекаа со оддишка.

Но, сега доаѓа потешкиот дел. А тоа е да се исполни договореното и да се одржи дадениот збор. Токму сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија.

Ги повикувам политичките партии да се воздржат од непризнавање на волјата на граѓаните тогаш кога ќе изгубат избори, но и од игнорирање на неистомислениците тогаш кога ќе добијат на избори.

Медиумите да се воздржуваат од ширење паника, страв и штетен сензационализам. Новинарите мора да бидат чувари на вистината и да бидат совест на општеството.

Цивилното општество и интелектуалците да се воздржат од отровен цинизам, од демонизирање на оние со кои не се согласуваат.

Ги повикувам нашите европски и евроатлантски партнери да не ги користат последиците од блокадите како причина за нови блокади. Како што блокираната европска и евроатлантска иднина придонесе да се блокираат политичките процеси во Македонија, така деблокадата на интеграциите ќе ја врати стабилноста. Само со заземање на заслуженото место во НАТО и почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, македонските политички елити ќе ја научат културата на дијалог и компромис.

Почитувани учесници во политичките процеси,

Како што за иднина ни треба единство, така за единство ни е потребно помирување. А до помирување можеме да дојдеме само со жртва.

Денес, на ден Илинден, во името на нашите херои од минатото, но и нашите деца, кои се херои на иднината, ве повикувам да ги жртвуваме личните заради општите интереси, теснопартиските заради државните интереси. Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. Ве повикувам дијалогот да го водиме во демократските институции, а не во странските амбасади. Поддршката да ја бараме од граѓаните, а не од меѓународните фактори.

Само така ќе ставиме крај на спиралата на поделби.

Само така ќе покажеме дека сме ја научиле третата лекција од овој четврт век независност, од 1991-та до денес. А таа лекција гласи: Кога го сакаме она што го немаме, ќе го изгубиме и она што го имаме, а кога го сакаме она што го имаме, ќе го добиеме и она што го немаме.

Ве повикувам, да ја почитуваме и да ја сакаме Република Македонија бидејќи само во неа имаме слобода.

Да ја чуваме Република Македонија бидејќи само во неа имаме безбедност.

Да се грижиме за Република Македонија бидејќи таа е најсигурен влог во иднината на нашите деца. А сето тоа ќе го постигнеме само ако се помириме и сплотиме.

ilinden2Почитувани Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми,
Почитувани христијани, муслимани, Евреи, атеисти,
Почитувани сограѓани,

Годинава, како никогаш досега, имаме причини за да ги надминеме поделбите и непријателствата. Една од тие причини е јубилејот од независноста. Јубилеј што нè потсетува на минатото и истовремено ни создава обврски за иднината. За наредните 25 години.

Но, има и други причини.

Македонија на светот отсекогаш му подарувала личности кои со својата мисла и мисија ги премостувале разликите и ги поврзувале луѓето и народите.

Еден од нив е нашиот голем народен учител, светител и просветител, Климент Охридски. Годинава одбележуваме 11 века од неговото физичко упокојување, но и 11 века од неговото континуирано духовно и културно учество во изградбата на нашиот јазик, нашата култура, нашите вредности. И веќе 11 века тој нè повикува „да си помагаме еден на друг… да пројавиме ревност кон добродетелта; да стекнеме братољубие, љубов кон бедните, гостопримство,… кроткост, воздржување…”.

Само седум години по Илинден 1903-та, во центарот на Скопје, во микрокосмосот на религиски, етнички и јазичен плурализам, меѓу христијани, муслимани и Евреи се роди една девојка која го следеше заветот на св. Климент. Посветувајќи им го животот на отфрлените и на сиромашните во светот, скопјанката Мајка Тереза стана препознаена како мајка на милосрдието или мајка на 20-от век.

Само неколку дена пред нашата прослава на 8 Септември, светот ќе ја прославува канонизацијата на Мајка Тереза во Рим. Канонизацијата е настан што сите нас во Македонија треба да нè издигне над секојдневните политички тензии и недоразбирања, и да ни помогне да го препознаеме човекот и човечкото во политичкиот противник. Канонизацијата на Мајка Тереза е чин што ќе го обедини светот. Крајно време е да нè обедини и нас.

Драги сограѓани,

Кога сме сплотени ‒ сме слободни. Кога веруваме ‒ победуваме. Кога го сакаме она што го имаме ‒ ќе го добиеме и она што го немаме, а длабоко и искрено го посакуваме.

Добро да ги запомниме овие три лекции бидејќи се платени со многу крв, со многу пропуштени можности и со многу изгубени години.

Да ги запомниме и да ги примениме за да им оставиме на нашите деца држава во која ќе можат да живеат, да се почитуваат и заедно да напредуваат. И слободно, како граѓани на Македонија и на светот, да го слават и да го прославуваат овој голем светол празник на слободата.

За многу години Илинден!
Да ни се вечни слободата, независноста и сувереноста!
Да живее Република Македонија!