Положено цвеќе пред споменикот на илинденските борци во Велгошти

Во очи на празникот, традиционално и годинава со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Илинденците во селото Велгошти започна одбележувањето на Илинден. Пред споменикот се поклонија делегација на општина Охрид, предводена од градоначалникот Никола Бакрачески,  претставници од Месната заедница од Велгошти, од Месниот комитет на Велгошти, Сојузот на борци од Охрид и други значајни структури.

На свеченоста, градоначалникот Бакрачески на присутните им го честита овој светол и голем ден за македонската историја.

„Денес, во предвечерието на најголемиот и најсветлиот македонски празник, Илинден, ми претставува особена чест и пријатно задоволство, да присуствувам во историското и слободарско Велгошти, местото каде што е формирана првата востаничка чета на ТМОРО во Охрид и охридско. Тука, во манастирот „Св. Петка“, поставени се темелите на востаничкото организирање во Охрид, а за тоа еден од свидетелите на тој настан, војводата Андреј Христов ќе рече: „Во цела Македонија и Одринско има веќе силна подготвка за слобода. За таа цел и тука во нашава околија се создава, драги јунаци, во вашето лице, првата охридска чета. Ако вие навистина сте решиле да му служите на тој идеал, ви предлагаме овде да земете заклетва“. На повикот за востание, преку 2000 охриѓани, меѓу кои и 200 велгоштани, застанале под македонското црвено знаме, на кое пишувало „Смрт или слобода“. Идеалите на славните илинденци од 1903-та ќе ги остварат многу години подоцна другите генерации македонски јунаци, со победата во Втората светска војна кога се удрени темелите на Македонската држава. На сто и тринаесет годишнината од првиот Илинден од 1903-та и 72 годишнината од АСНОМ, Илинденската епопеја и денес е жива во Велгошти, а Вие драги Велгоштани сте најдобрите чувари на илинденските идеали за слободна и самостојна Македонија“, рече градоначалникот Бакрачески во своето обраќање пред присутните.

Прославата беше збогатена со богата културно – уметничка програма.

WebOhrid