Административната селекција ја поминаа 3972 кандидати кои се пријавија на последниот оглас за прием на нови 600 полициски службеници што го распиша Министерството за внатрешни работи на 15 јули 2016 година. Според Помошникот министер на Одделот за односи со јавност и стратешки прашања, г. Јордан Ламаноски, во тек се физичките проверки, што е втора фаза од селекцијата на пријавените кандидати за полициски службеници. Физичките проверки, кои се спроведуваат во касарната во населбата Ѓорче Петров, касарната Илинден и во Центарот за обука во Идризово, започнаа во понеделник на 01-ви август и завршуваат утре на 04-ти август. Како што истакна Помошникот министер Ламаноски, физичките проверки се состојат во :
(за мажи)- најмалку 9 склекови за 10 секунди, најмалку 16 стомачни подигања за 30 секунди, скок во далечина од место со минимална должина од 220см, спринт на 20 метри за најмалку 3,35 секунди, спринт на 100 метри за најмалку 15 секунди и трчање на 1500 метри за најмалку 5,25 минути и
(за жени): најмалку 6 склекови за 10 секунди, најмалку 12 стомачни подигања за 30 секунди, скок во далечина од место со минимална должина од 160 см, спринт на 20 метри за најмалку 3,50 секунди, спринт на 100 метри за најмалку 18 секунди и трчање на 800 метри за најмалку 3 минути.
Освен административна селекција и физички проверки, селекцијата на кандидати за полициски службеници има уште неколку фази. По завршување на физичките проверки кандидатите ќе имаат психолошки тест , по што следуваат писмено тестирање (општообразовен тест), интервју,
безбедносна проверка и на крај се здравствени прегледи. Според планираното, селекцијата на кандидатите за полициски службеници треба да заврши на крајот на септември или почетокот на октомври 2016 година.