Вонредна седница на Владата, ќе се прогласи кризна состојба во Скопско и Тетовско

Владата за попладнево во 16.30 часот закажала вонредна седница на која, како што пренесува порталот „Прес 24“ треба да биде донесена одлука за прогласување на кризна состојба во Скопско и Тетовско, кои се најмногу погодени од вчерашното невреме.

По денешниот состанок на Управувачкиот комитет за справување со кризи, министерот за здравство, Никола Тодоров соопшти дека ќе продложат до Владата да биде прогласена кризна состојба во овие два региони, која ќе трае наредните 15 дена.

На состанокот било одлучено да се формираат комисии кои веднаш ќе почнат со проценка на штетите од невремето.

Според последните информации во временската непогода која вчера попладне го зафати Скопје и околината, животите ги загубиле 20 лица, а десетици повредени побарале лекарска помош.

Најмногу погодени од вчерашното невреме се жителите на Стајковци, Сингелиќ, Смилковци и Арачиново, каде се пронајдени телата на загинатите, а пријавени се и големи штети, односно срушени и поплавени куќи и возила.

Извор: meta.mk