Кривична пријава за охриѓани поради „злоупотреба на службената положба и овластување“

Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Д. (47) и М.Н. (45), двајцата од Охрид. Во пријавата, опфатен е и Л.Р. (60) од Охрид за сторено казнено дело ,,несовесно работење во службата“.

Во текот на 2013 и 2014 година, М.Д. во својство на службено лице-директор на јавната установа ЈЗУ„Здравствен дом“-Охрид заедно со второпријавената М.Н., која во тој период била раководител за економски работи, од повеќе фирми во Охрид и од други градови, набавиле техничка роба (лап-топ компјутер, мобилен телефон, фото апарат) во вредност од 208.583,оо денари, часовници и накит во вредност од 149.050,оо денари, фотоапарат со оптички зум и мобилни телефони во вредност од 45.890,оо денари, тренерки и 21 чифт обувки во износ од 133. 792,оо денари и две влезни врати во вредност од 61.193,оо денари. На тој начин, двајцата пријавени ја оштетиле ЈЗУ,,Здравствен дом“ Охрид со паричен износ од 598.508,оо денари или 9.731,оо евра.

Набавените производи не биле евидентирани во сметководствената евиденција, не била изготвена документација за прием а фактурите од добавувачите биле целосно исплаќани од сметката на ЈЗУ„Здравствен дом“. При извршениот попис во листите, констатирано е дека стоката не е евидентирана и ја нема во просториите.Од извршениот увид во фактурите од фирмите каде се купени производите, утврдено е дека сите фактури се потпишани од првопријавениот М.Д. кој лично ги подигнувал купените предмети. Од извршените контроли, констатирано било дека фактурите уредно се заведувале во влезната книга во ЈЗУ „Здравствен дом“ со потпис од второ пријавената М.Н. а потоа се чувале заклучени во нејзиното биро. Тука биле пронајдени при извршена финансиска контрола од ФЗО.

Трето пријавениот Л.Р. како одговорен за возниот парк, несовесно работел, на начин што во период од 27.03.2014 година до 19.06.2015 година, во патните налози за службеното возило впишувал податоци за изминати километри многу поголеми од реалните, не водел уредна евиденција на бројчаната состојба на броилото на возилото кое го управувал и истото, заедно со прво пријавениот М.Д. го користел за приватни потреби.