Агенцијата за млади и спорт продолжува со активностите во насока на промоција на македонскиот спорт на меѓународен план.
Со одржувањето на 44-от меѓународен турнир во ракомет “Струга 2016”, во периодот од 17 до 20 август оваа година, градот Струга ќе биде повторно во центарот на вниманието на ракометна Европа, а сотоа Република Македонија уште еднаш ќе се најде на светската ракометна карта. По тој повод денес, во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес конференција, на која покрај директорот Марјан Спасески свое обраќање имаа претставници од организациониот одбор на турнирот.
Екипите кои оваа година ќе учествуваат на турнирот доволно говорат за квалитетот и реномето на ова натпреварување.
„На мое големо задоволство, годинава ќе имаме можност да погледаме одлични натпревари на многу квалитетни европски и светски клубови, иако дел од нив го откажаа своето учество, па за сметка на тоа ќе имаме прилика да бодриме 2 нови македоснки клубови. Имено, годинава турнирот ќе биде многу квалитетен и конкуренетен, а за насловот ќе се борат екстра квалитетните екипи на Алингсас од Шведска, француски Шарт, како и романска Стеауа, а од македонските претставници покрај Металург од Скопје, годинава за прв пат ги имаме и екипите на Работник Еурофарм и Пелистер од Битола.
Токму поради тоа, Агенцијата за млади и спорт која е секогаш главниот поддржувач на традиционалните спортски манифестации, оваа година од својот буџет одвои 500.000 илјади денари во насока на поддршка и организација на овој турнир.
Струга е колевката на македонските ракометни таленти кои преку своите игри се наметнуваат и стигнуваат до сениорската репрезентација.
Доволно е само да ги споменам имињата на стружаните Наумче и Златко Мојсоски,Веле и Никола Маркоски, Аце Јоновски, Гоце Ојлески, Марко Нелоски и Никола Костески. Очекувам оваа нишка со репрезентативци да продолжи и понатаму.
Ја користам оваа прилика да ги повикам сите љубители на спортот и сите вљубеници во ракометот од среда до сабота да дојдат во Струга и да уживаат во сето она што ќе го понудат ракометните ѕвезди,“ изјави директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Учесниците на турнирот од оваа година имаат подобри услови за подготовка пред почетокот на натпреварите со изградба на јужната трибина и подтрибински простор на ракометното игралиште „Женска плажа“, а посетителите одлични услови за следење на натпреварите.
Учеството на турнирот претставува голема сатисфакција за сите учесници бидејќи турнирот од година во година е се повеќе атрактивен и се повеќе привлекува внимание.
Свеченото отворање е закажано за среда со почеток од 19.30 часот пред кое традиционално ќе има ревијален натпревар. Вечерните дуели ќе ги најават шведскиот “Алингсас” со претставникот од Франција, додека пак вториот меч ќе биде пресметка помеѓу РК “Металург” и романскa“Стеауа”. Разигрувањата по групи ќе продолжат во четврток и петок, а за сабота се закажани натпреварите за пето и трето место, како и завршниот меч за севкупен победник на турнирот закажан за 21.15 часот со директен пренос на МТВ.