Света мироносица Саломија, Преподобен Козма евнух и Преподобен Антониј Римјанин

Света мироносица Саломија

Мајката на Светите апостоли Јаков и Јован. Жена на Заведеј, а ќерка на праведниот Јосиф. Му служеше на Господ за време на Неговиот земен живот и се удостои да биде меѓу првовесниците на Неговото воскресение.

Преподобен Козма евнух

Монах од лаврата Фаранска. Многу учен во Светото Писмо. Толку ги ценел делата на Св. Атанасиј Велики што му велел на својот ученик: „Кога ќе слушнеш некој збор од книгите на Свети Атанасиј, ако немаш хартија запиши го на рака.“ На старост дојде во Антиохија кај патријархот Григориј (+584г.) и тука го заврши својот земен живот. Патријархот нареди телото на Козма да се погреба во манастирот на Патријаршијата. Еден човек често доаѓаше на Козминиот гроб и чевствувајќи го Светителот, Му се молеше на Бога. Кога го прашаа зошто прави така, објави дека дванаесет години лежел фатен и дека Свети Козма го исцелил.

Преподобен Антониј Римјанин

Роден е во Рим во 1086 година, од родители благочестиви и имотни. Во тоа време Римската црква се одвои од Источната и сите што ѝ останаа верни на Источната Црква беа гонети од римскиот клир. Меѓу гонетите беше и Антониј. Тој го раздаде сиот наследен имот и се замонаши. Се подвизуваше стоејќи на една карпа во морето четиринаесет месеци. Но карпата се одвои од својата основа и по некоја чудна промисла доплови во Новгород. Во Новгород љубезно го прими архиерејот Никита и му помогна да ѝ подигне црква на Пресвета Богородица, каде што потоа се крена манастир. Поживеа Свети Антониј долго како игумен на манастирот, пројави голема благодатна сила преку многу извршени чуда и се упокои мирно во 1146 година, кога се пресели во дворците на Господ.