Утре започнува Фестивалот „Пображење“ во Вевчани

Во периодот од 17 до 19 Август Вевчани e домаќин на 6 по ред фестивал на народна култура „Пображење“ во организација на Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“ од Вевчани.

„Целта на овој фестивал е да ја презентира Македонската духовна култура и традиција, да овозможи запознавање на културата и традицијата од други земји низ светот, да ја збогати туристичката понуда на Вевчани. Вевчани одсекогаш бил достоен чувар на Македонската традиција, со векови го негува и презентира фолклорното творештво на својот народ, па токму затоа и овој фестивал е само уште една потврда за нашиот однос кон културното наследство на Вевчани и Македонија“. – изјави претседателот на КУД „Дримкол“ од Вевчани, м-р Тошо Чочороски.

VevcaniDrimkolRazglednici5

Оваа година учесници на фестивалот се: ФА „Китка“ – Истибања, Р. Македонија; КУД „Илинден“ – Струга, Р. Македонија; ФА „Ловеч“ – Ловеч, Р. Бугарија; ФА „Сиух и Виух“ и „Керутајад“ – Паиде, Р.Естонија; КУД „Ѓердан“ – Ваљево, Р.Србија; КУД „Дримкол“- Вевчани, Р.Македонија; КУД „Весели Пензионери“ – Пробиштип, Р.Македонија; КУД „Ѓердан“ – Охрид, Р.Македонија; КУД „Типопластика“ – Горни Милановац, Р.Србија; ФА „Пжировские Нутки “ – Пжирув, Р.Полска.

Стручниот совет на фестивалот во состав: проф. д-р. Мирјана Мирчевска, проф. д-р. Велика Стојкова – Серафимовска, проф. д-р. Даворин Трпевски, м-р Ивона Татарчевска – Опетчевска, Јовица Блажески и Наташа Кукоска ќе ги оценуваат сите ансамбли кои ќе презентираат изворен фолклор, а за најдобриот ансамбал организаторот доделува плакета „Чувари на изворната традиција“.

Фестивалот завршува на 19 Август со настап на познатиот македонски чалгиски бенд „Чалгии“, од Скопје.

Покрај сценско уметничката презентација на орската, инструменталната и вокалната култура, во рамките на фестивалот ќе се одржи и стручен дискурс на тема: „Обредноста во Вевчани – Пображење“ на која ќе земат учество еминентни професори, стручњаци и луѓе од праксата. Фестивалот е под покровителство на министерството за култура на Р. Македонија.