Нова донација на опрема преку програмата EXBS на амбасадата на САД

Програмата за контрола на извозот и граничната безбедност (EXBS) на Амбасадата на САД во Република Македонија на Царинската управа ѝ врачи опрема во вредност од 8.918 американски долари – 7 пејџери за откривање на радијација, наменетa за спречување на незаконско тргување со стоки.

Опремата што официјално беше предадена денес и што царинските службеници ќе ја користат во нивната секојдневна работа, ќе придонесе за поефикасна и поефективна борба против прекуграничниот криминал и за подобри резултати во откривањето и спречувањето на недозволената трговија и заштита на границите.

Во изминатите десетина години, Aмбасадата на САД преку Програмата EXBS ѝ донираше на Царинската управа оперативна опрема во вредност од над 2 милиони американски долари, со обезбедени обуки за користење на истата, а со цел да се унапреди целокупното царинско работење и да се остварат подобри резултати во олеснувањето на меѓународната трговија и зачувување на безбедноста на општеството.

Од почетокот на оваа година, физичката царинска контрола, која меѓу другото се спроведуваше со користење на опремата донирана преку Програмата EXBS на Амбасадада на САД во Република Македонија, резултираше со над 300 успешни наоди, при што царинските службеници пронајдоа и запленија околу 69 кг марихуана, 9.000 парчиња разни лекови, 2.000 кг тутун и 200.000 цигари, 307.000 евра, 48.300 швајцарски франци, 2.197.846 турски лири во чекови (противвредност од 667.000 евра), 2.940 американски долари и друго. Со применување на опрема слична на онаа која е предмет на денешната донација, спречен е и обид за увоз на радиоактивни материјали.