Повредено едно лице во сообраќајка на „Туристичка“

Едно лице се здоби со тешки телесни повреди во сообраќајната незгода што вчера во 12 часот и 45 минути се случи на булеварот „Туристичка“ во Охрид.

Во незгодата, со тешки телесни повреди се здоби Б.М.(45) од Охрид, кој по булеварот, од „Охридска банка“ кон улицата „Јане Сандански“ управувал мопед марка „Кивеј“ со охридски регистарски ознаки. На критичното место, во близина на спортската сала, Б.М. изгубил контрола, преминал на десната сообраќајна лента и со предниот дел удрил во задната лева страна од паркирано патничко моторно возило марка „Пежо“ со охридски регистарски ознаки. Со возило на брза помош, повредениот итно е пренесен на хируршкото одделение при Општата болница во Охрид, каде се констатирани тешки телесни повреди по што е задржан на понатамошно лекување.

Од извршеното алкотестирање, кај сега повредениот, утврдено е присуство на 2,67 промили алкохол во крвта. Тој е исклучен од сообраќај и привремено му е одземена возачка дозвола.

На местото на сообраќајната незгода, по овластување на Јавен обвините, увид извршија полициски екипи од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид. За време на увидот немаше застој во сообраќајот.