Во рамките на драмскиот дел од програмата на Охридско лето вечерва на програмата е „Спобудалената локомотива“од Станислав Игнаси Виткиевич во режија на Јернеј Лоренци. Претставата, во изведба на Словенечки народен театар – Драма, Љубљана, Р.Словенија се игра во Центарот за култура со почеток од 21:00 часот.
Поставувањето на самата претстава е вистински предизвик – како да се одржи експериментална, авангардна драма од 1923 година, претстава базирана на едвај одредена доктрина на „чиста форма“. При изведбата чистата форма е исполнета со моќни музички експресии. Конзистентноста, убедливата и точната тимска глума, храбрите решенија при доловувањето на односите меѓу карактерите, сценската поставеност и различната музика ја прават „Спобудалената локомотива“ извонредено креативно достигнување. Сите театарските елементи заемно оставаат силен, длабок и незаборавен впечаток.
Станислав Игнаси Виткиевич е еден од најкомплексните автори на полската и светската авангарда, а денес еден од класиците на 20-тиот век. „Спобудалената локомотива“ е напишана во 1923 година и е една од најкратките, но најмоќните драми каде на еден необичен и многу духовит начин ги резимира неговите уметнички и филозофски пребарувања.
Јернеј Лоренци е роден 1973 година во Марибор. Добитник е на бројни национални и меѓународни награди за својата работа, вклучувајќи и три во Марибор, и тоа за најдобар режисер, како и три Гранд при награди на Мариборскиот театар за најдобра претстава.
Во моментот е виш предавач на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, каде што предава актерство и режија.
Улогите ги толкуваат: Зигфрид Тензер – Јанез Шкоф, Николас Слобок – Алјаж Јовановиќ, Софија Танзер – Маја Север, Јулиа Томазик – Тина Врбњак, Turbulence Guster – Матија Розман, Мина – Нина Иванишин, Мира Бин – Петра Говц, Кондуктер – Звоне Хрибар, Валери Бин – Горазд Логар, Џон Каклсон – Андреј Нахтигал и Џејн Каклсон – Катја Левстик.