Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денес присуствува на големата спортска меѓународна манифестација „Охридски пливачки маратон”, кој годинава се одржува по 30 – ти пат.
Трката стартува од комплексот „Св. Наум” во 12:00 часот, а се очекува првите маратонци да пристигнат на целта кај градското пристаниште после 17:00 часот. На 30 километри долгата патека „Климе Савин” ќе се натпреваруваат вкупно 17 пливачи од целиот свет, 8 во машка и 9 во женска конкуренција. На годинешниот маратон Република Македонија ја претставуваат Евгениј Поп Ацев, Томи Стефановски и Александар Илиевски.
Претседателот Иванов, вечерва со почеток во 22:00 часот во хотелот „Инекс Горица” во Охрид, ќе се обрати на свечениот прием на пливачките маратонци и ќе ги врачи наградите и пехарите на победниците на годинешниот „Охридски пливачки маратон”.
„Охридскиот пливачки маратон” е дел од 12-те трки во Гран При серијата на Светската пливачка федерација и се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов.