Синоќа на анфитеатарот во Вевчани заврши шестото издание на фестивалот за народна култура „Пображење“ во организација на КУД „Дримкол“ од Вевчани. Фестивалот беше затворен со македонска чалгиска музика во изведба на ориент бенд „Чалгии“ од Скопје. Во име на организаторот, добредојде на публиката со песна им посакаа членовите на пејачката група „Каданка“ кој исполнија изворни песни од различни краишта на Македонија. Стручниот совет на фестивалот во состав: проф.др. Мирјана Мирческа, проф.др. Даворин Трпески, проф.др Велика Стојкова-Серафимовска, м-р Ивона Татарческа-Опетческа, Јовица Блажески и Наташа Кукоска синоќа ја доделија и плакетата „Чувари на изворната традиција“ која организаторот ја доделува само на еден ансамбал кој на фестивалот најуспешно презентирал македонски изворен фолклор. Добитник на плакетата оваа година е културно уметничкото друштво „Китка“ од Истибања. За време на фестивалот ликовни уметници инспирирани од фолклорот сликаат уметничко дело, а синоќа беше претставено делото на авторот Симун Коруноски од Вевчани.
„Фестивалот помина во најдобар ред, со богата и квалитетна програма, многу публика, прекрасни временски услови, многу важно поради сцените на отворено, помина онака како што доликува за Вевчани, местото верен чувар на изворната традиција“ – велат организаторите. Овој фестивал, единствен од ваков тип во западна Македонија, полека, но, сигурно си завзема свое место во календарот на важни културни настани во Р. Македонија.