Одигран ревијален ватерполо натпревар помеѓу ветераните на Вардар и Охридски бранови

Ватерполо ветераните на клубовите Вардар од Скопје и Охридски бранови од Охрид денеска, повеќе од 1 час ги брануваа водите во базенот на СРЦ „Билјанини Извори“. Во прекрасна спортска атмосфера, тие одиграа ревијален ватерполо натпревар, пред бројната публика од сите возрасти која се насладуваше на вештините и егзибициите на искусните ватерполисти. Хуманоста беше неизоставен дел од овој настан, преку кој се собираа средства за населението од скопските региони, зафатени со поплавите.

И овој пат организаторите на овој настан испратија јасна порака: потенцијалот за пливање и ватерполо кој што во Охрид од секогаш постоел и постои, во многуте пливачки-ватерполо легенди, спортски работници, ентузијасти, талентирани млади пливачи, а за жал последните две децении се држи „заробен“ од страна на институциите, конечно треба да се ослободи и постави на здрави темели кои ќе носат издржана, остварлива и развојна стратегија за пливачките спортови во Охрид, потпрена и водена од стручни, компететни, вистински и искрени познавачи и вљубеници во пливањето и ватерполото.