Културно-едукативен хепенинг „Кокино – тврдина на Сонцето“

Културно-едукативен хепенинг „Кокино – тврдина на Сонцето“ со организирани едукативни тури до опсерваторијата, предавања од областа на астрономијата, поетско читање, работилници за керамика, филигран, компостирање, оригами, и настапи на Мухамед Ибраими, Фолтин и Кирил Џајковски се реализира вчера на мегалитската опсерваторија Кокино.

Хепенингот е во рамките на проектот на Владата и на Министерството за култура „Кокино – македонски бренд“ и имаше хуманитарен карактер, а сите донирани средства од посетителите се наменети за жителите од поплавените подрачја. Организатор на настанот беше продукцијата „Пасворд“.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска при синоќешната посета на Кокино рече дека особено радува фактот што настанот предизвика голем интерес кај јавноста, а од голема важност е тоа што настанот има хуманитарен карактер и сите донирани средства од посетителите се наменети за жителите од поплавените подрачја.

Во наредниот период се планирани активности за доопремување и оградување на локалитетот, изградба на пристапна патека за посетителите, поставување заштитни огради на дел од патеките, изградба на центар за посетители во кој во иднина ќе се реализираат разновидни содржини, семинари, работилници, ќе има изложбен простор, сувенирница и ресторан.

Проектот „Кокино – македонски бренд“ ќе се одвива во период од четири години, до 2018 година, и уверена сум дека силно ќе го промовираме Кокино во меѓународни рамки и дека ќе создадеме услови за негова одржливост што од друга страна ќе има и економски придобивки за Македонија – рече Канческа-Милевска.

Таа потсети дека претходно, како дел од четиригодишниот проект на Владата и на Министерството за култура „Кокино – македонски бренд“, во Археолошкиот музеј на Македонија беше одржан Меѓународниот научен симпозиум на тема „Кокино – археолошки и астрономски аспекти – паралели и искуства“, како и изложба на фотографии од локалитетот Кокино видени низ објективот на еден од најистакнатите македонски фотографи Љупчо Илиевски, и додека Музејот во Куманово ја реализираше изложбата „Кокино – тврдина на Сонцето“ на која беа презентирани околу 150 артефакти откриени за време на археолошките истражувања на овој локалитет.

Според НАСА, Кокино се наоѓа на високото четврто место на најстарите опсерватории во светот.