Синоќа во Охрид беше отворено 9- то издание на меѓународниот хорски фестивал. Учесниците и гостите ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
„Почитувани учесници на 9 меѓународен хорски фестивал, вљубеници во музиката, дами и господа.
Ви посакувам топло добредојде и пријатен престој во Охрид, градот на испреплетена култура и историја, јадро на словенската писменост за кое ваквите манифестации се проширување на богатата музичка лепеза.
Радува фактот што покрај македонските и охридски музички брендови „Охридско Лето“ и “Балканскиот фестивал“ на народни песни и игри, од година во година Охридскиот хорски фестивал зазема се позначајно место на меѓународната музичка сцена. Тоа значи дека заедно со хористите во текот на хорските денови кај нас доаѓаат гости и туристи од цел Свет.
Во мое лично и од име на граѓаните на Охрид на учесниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Молдавија, Русија, Холандија и Полоска им посакувам успешно тридневно фестивалско претставување во Охрид, а до организаторите упатувам благодарност што ни подарија уште едно фестивалско издание.
Драги хористи топло ви препорачувам покрај работниот дел да издвоите време и да направите обиколка на нашиот Охрид за да ја почувствувате неговата древност и сегашност “– подвлече Јанев.
Охридскиот хорски фестивал ќе трае до 29ти август – понеделник.