Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица, упати честитка до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и до сите верници од православна вероисповед.
„Ваше Блаженство,
Дозволете ми, Вам лично, на сите верници од православна вероисповед, на членовите на Светиот архиjерејски синод и на целото свештенство и монаштво, да Ви упатам искрени честитки по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица.
Одбележувајќи го овој празник ги чествуваме и љубовта, мудроста и скромноста. Овој ден е потсетник за големината на Мајката на Господ Исус Христос, но и улогата на жената во семејството и во општеството.
Ликот на светицата најчесто се поврзува со страдање и тага, но она што ја велича Богородица е нејзината верба, трпение, скромност и љубов кон Бога и кон ближниот свој. Успението на Пресвета Богородица е сведоштво за победата на понизноста над горделивоста, сигурноста над стравот и себедавањето над егоизмот. Водени од овие христијански вредности и сочувствувајќи со настраданите од неодамнешните поплави, Ве повикувам да бидеме солидарни, хумани и да дадеме помош на оние на кои им е најпотребна. Празникот на Мајката Божја во земјава се прославува и како празник на спасението, грижата и довербата. Овој ден нè учи дека разделбата може да значи и соединување, а грижата за послабите и немоќните наше исправување и просветлување на умот и срцето, мотив за извршување добри дела.
Делото на Пресвета Богородица е вкоренето во нашата традиција и верување, а нејзиното успение е симбол на возвишувањето и вербата во милоста, човечноста и благодатот.“- стои во честитката.