Канческа-Милевска се сретна со Маргарет Атвуд, добитник на „Златниот венец“ на СВП 2016

Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска денеска се сретна со канадската поетеса Маргарет Атвуд, добитник на „Златниот венец“ на овогодинешното 55. издание на „Струшките вечери на поезијата“.

Таа и ја честиташе оваа, како што рече, голема награда и посочи дека и е драго што со добивањето на „Златниот венец“ на СВП канадската поетеса Атвуд влегува во домот на најголемите бардови на светската поезија.

„Делата на Маргарет Атвуд, нејзината страствена сугестивна поезија е автентична и исклучително богата. Атвут е исклучителна појава во светската поетска историја, еден поетски глас, една генерација на автори кои длабоко ја допреа пред се личната и емоционалната историја на луѓето. Посебно ми е драго што оваа година имаше огромно присуство на автори и тоа 32 поети од 30 земји кои навистина дадоа престижен и значаен влог во промоцијата на СВП,“– истакна Канческа – Милевска.

Посочи дека како Влада и како Министерство за култура ќе продолжат со својата силна поддршка на оваа наша национална институција бидејќи, како што рече, СВП се наш најголем национален бренд, една исклучителна манифестација која ги почитува јазиците на сите народи.

„Навистина е едно посебно чувство кога ќе одите и на отворањето и на сите оние денови кога се реализира оваа манифестација да го почувствувате тој силен јазичен идентитет кој произлегува од сите поети, почитувајќи ги сите култури, јазици и се разбира, чувството и емоционалноста на самите поети кои ја изразуваат преку нивната поезија и творештво“, нагласи Канческа – Милевска.

Потенцира дека на денешната средба ја запознала Атвуд за огромните вложувања на Владата и на Министерството за култура во сите сегменти од сите дејности во областа на културата, нивните заложби во унапредување на културниот развој и силната меѓународна промоција на нашиот идентитет и на нашите културни и историски вредности надвор од Република Македонија.

„Ја запознав со голем број проекти во делот на инвестициите кои ги имаме реализирано во изминатиот период, зачувување на нашето вредно културно наследство, сите оние инвестиции во областа на културата, за голем број капитални проекти кои ги реализираме во делот на литературната и издавачката дејност. Имав можност да и го презентирам нејзиното дело „Пенелопеја“ кое се наоѓа во проектот „Ѕвезди на светската книжевност“, кое е преведено на македонски јазик. Уште едно нејзино дело „Слепиот убиец“ е преведено на македонски јазик“, рече Канческа – Милевска.

Посочи дека ја информирала Атвуд и за мерката која веќе две години ја реализираат, а е наменета за странски издавачки куќи. Додаде дека Атвуд денеска ќе го посети Археолошкиот музеј, Музејот на македонската борба, Спомен куќата на Мајка Тереза, како и некои значајни локалитети, како што се Стоби, Скупи…

Министерката Канческа-Милевска му се заблагодари на директорот на СВП, Мите Стефоски и на претседателот на Управниот одбор на СВП, Славе Ѓорго Димоски и на сите вработени за успешната реализација на 55.издание на оваа манифестација.

Атвуд рече дека и е драго што е добитник на најголемото признание „Златен венец“ на СВП.

„Струга е прекрасен град и прекрасна визуелна глетка за читање поезија. Беше одлично да ги слушнеме авторите како читаат поезија на својот мајчин јазик. Ова е единствен фестивал кој има огномет. Беше прекрасна можност да запознаам многу различни поети и млади луѓе, а на моја возраст скоро сите што ќе ги запознаете се млади,“ посочи Атвуд.

Научивме, истакна, многу работи за Македонија кои не ги знаевме порано.

„Македонија има голем број историски и културни локалитети кои треба да се посетат. Дознав една многу битна работа, тоа е дека има многу голем број птици и животинскиот свет во Македонија е многу богат и уживав да го видам. Ги повикувам сите љубители на птиците да дојдат во Македонија затоа што ќе има што да видат,“ додаде Атвуд.

Се заблагодари на организаторите на СВП, кои, како што потенцира, вложиле голем труд да ја организираат манифестацијата.

Стефоски и се заблагодари на Атвуд за учеството на СВП и посочи дека 55.издание на СВП било едно од науспешните.

Министерката Канческа-Милевска на Атвуд и подари сребрена пеперутка во рамка, која е дел од богатото културно наследство на Македонија.