Во рамки на ОА Мрежа, за сузбивање на дилери на дрога кои делуваат на национално и меѓународно ниво, Министерството за внатрешни работи продолжи со преземање на континуирани оперативно- тактички и технички мерки во насока на откривање, документирање и докажување на нивните криминални активности.
Во текот на 2015 година, отпочна истражување за организирана криминална група која делувала на национално и меѓународно ниво во вршење кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога, а последните криминалистичко разузнавачки информации и докази укажуваат и на коруптивно влијание во одредени структури на полицијата и судството. Преку ова влијание требало да се овозможи заштита на криминалните интереси, стекнување на финансиска моќ и влијание, како и попречување и оневозможување на легитимините законски активности преземени од страна на Јавното Обвинителство и МВР, во насока на сузбивање на оваа криминална група. Во текот на истражувањето преку меѓународна полициска соработка обезбедени се информации дека членови на криминалната група делувале и на меѓународно ниво, за што дополнително се превземаат мерки околу документирање на нивните прекугранични криминални активности поврзани со недозволена трговија со дрога и перење пари.
Од криминалистичко истражување „БРАНА“ добиени се сознанија дека ТРИ лица на возраст од 35, 38 и 42 години во периодот од јули минатата година до јуни годинава организирале мрежа на препродавачи и посредници и ангажирале повеќе лица за пренесување и продавање на дрога и психотропни супстанци. За таа цел тројцата организатори ангажирале повеќе лица од кои двајца се веќе кривично пријавени за понатамошна продажба на марихуана, кокаин и екстази на територијата на Република Македонија, а со цел стекнување на противправна имотна корист.Од стекнатиот приход одреден процент добивале посредниците, но најголем дел го задржувале организаторите.
Од извршените претреси кај пет лица од кои кај тројцата организатори и двајца посредници пронајдени и одземени се поголем број на предмети и средства за комуникација кои ќе бидат предмет на дополнителни испитувања и вештачења. Односно кај првиот осомничен на возраст од 33 години од Скопје пронајдени бела полиетиленска кеса со тревкаста растителна материја како и прозирна полиетиленска кеса со растителна материја, воздушна пушка калибар 4.5 мм, мобилни телефони како и други предмети. Кај вториот на возраст од 35 години од Свети Николе, пронајдени се 31 шише и туба исполнета темно жолта течност, 16 семки од засега непознато растение, две полиетиленски пакувања со кафена прашкаста материја, мобилни телефони, и други предмети. Кај третото лице исто така од Скопје на возраст од 35 години, пронајдени се 2 полиетиленски кеси од кои едната со растителна материја а другата со бела прашкаста материја, дигитална вага и 49 банкноти во апоени од 1000 денари. Кај уште две лица исто така од Скопје на возраст од 38 и 42 години извршени се претреси при што се пронајдени повеќе мобилни телефони со сим картички како и ПМВ Мерцедес со скопски регистарски ознаки.
Инаку досега во рамки на криминалистичко истражување „БРАНА“, во текот на 2015 и 2016 кривично пријавени и лишени од слобода се вкупно 30 лица при што запленети се над 4 килограми марихуана, семки од растението Canaabis Sativa, 75 таблети екстази, над 9 грама кокаин, таблета МДМА и 1,6 мл масло од Хашиш за што се поднесени 10 кривични пријави. Притоа досега е пријавен полициски инспектор, јавен обвинител и директор на општа болница. Криминалната група делувала на територијата на Свети Николе, Штип, Кочани, Битола, Гостивар и Скопје.
Поради карактеристиките на криминалната група, за која постојат основи на сомневања дека има висок степен на коруптивно влијание и силна внатрешна поврзаност, од страна на надлежните институции ќе се продолжи со криминалистичкото истражување со цел обезбедување на дополнителни материјални докази и идентификување на други лица членови, а воедно се продолжува и со финансиската истрага.
Непознатите материи пронајдени при вчерашните претресите ќе бидат предмет на испитување и вештачење од страна на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР.
Во текот на денешниот ден до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција ќе биде поднесена кривична пријава против 7 лица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори’’ казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик.
Пет од осомничените лица се обезбедени, едно лице против кое ќе биде поднесена кривична пријава е веќе во притвор, а по уште едно лице се трага.