Мисајловски: За зимската сезона нов пат во реканскиот крај

Во завршна фаза се работите за целосна обнова на патниот правец Ново село до Маврово, во должина од околу 12 километри, инвестиција во вредност од 2,5 милиони евра. Според најавите за една недела треба да заврши одбележувањето на патната сигнализација.

„Ова е ветување кон граѓаните од минатата година што ќе го реализираме многу брзо, така што за претстојната зимска сезона сите туристи, но и граѓаните што гравитираат во овој регион ќе користат комплетно нов пат,“ изјави денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски кој со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов и градоначалникот на Маврово Ростуше Мукрем Мехмеди денеска извршија увид.

Во реканскиот крај, посочи министерот, паралелно се работи и на други два капитални проекти – за обнова на регионалниот пат од Мелнички мост до центар Жупа во должина од околу осум километри и вредност од околу 900 илјади евра, како и санацијата на патниот правец од Жировница до Дебар на околу девет километри и инвестиција од 2,5 милиони евра.

Мисајловски најави дека за две недели ќе биде распишан и тендер за почнување градежните работи за целосна реконструкција на постојниот пат Гостивар-Кичево во должина од 30 километри и со вредност од околу 6 милиони евра. Проектот ќе опфати и обнова на пет моста.

„Ние започнуваме со целосна реконструкција на постојната делница. Тоа е како што спомнав наше ветување од средбите со граѓани но не беше во нашата програма, граѓаните го бараа. Мислам дека е исклучително важно освен што ги поправаме дел од мостовите и нивна санација како и на дел од свлечиштата веќе се договоривме за целосна реконструкција, нов слој на асфалт, нови банкини, ново обележување и се она што е потребно бидејќи паралено работиме и со тендерска постапка односно целосна документација и за нов автопат но стариот мора да го зачуваме,“ рече Мисајловски.

Според директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов обновата на делницата од Ново село до Маврово е само дел од обновата на целиот пат што низ мавровскиот дел преку Жировница оди за Дебар и понатаму за Струга.

„Она што ќе остане тука е патниот правец од браната Маврово до Жировница за којашто веќе распишавме тендер за проектирање и очекуваме дека наредната година и тој патен правец ќе поченеме да го работиме. Останати се уште околу дваесет километри што треба да ги завршиме во наредниот период со тоа што цел овој крај, реканскиот крај, западна Македонија ќе биде поврзан со нов пат, обновен пат што ќе им служи на граѓаните за безбедно и побрзо патување“ рече Стојанов.

За градоначалникот на општината Маврово Ростуше Мукрем Мехмеди обновата на околу 16 километри од локалната патна инфраструктура низ општината е резултат на добрата соработка на локалната и централната власт, а подобрената патна мрежа освен за туристите и локалните жители ќе овозможи и намалување на трошоците за нејзино одржување и во зимскиот и во летниот период.