Во Охрид ќе се одржи Меѓународна конференција „Богомилство без граници“

На 2-ри септември (петок) со почеток во 10.00 часот во куќата „Уранија“ во Охрид ќе се одржи Меѓународна конференција „Богомилство без граници“.

Конференцијата претставува дел од активностите во рамките на проектот „Богомилското движење и богомилската книжевност“, што се реализира помеѓу Македонската академија за науки и уметности и Бугарската академија за науки. Учесници на проектот од Република Македонија се академик Блаже Ристовски – раководител, проф. д-р Маја Ангеловска-Панова – координатор, и проф.д-р Вера Стојчевска-Антиќ.

Проектот е дизајниран за историско и културолошко проследување на богомилството сфатено како универзална придобивка. Идентификацијата на цивилизациските вредности и влијанија на богомилството најдобро се согледува преку книжевните состави со автентична артикулација, апокрифите, филозофските аспекти на учењето, како и преку неговата присутност и традиција во народното творештво. Богомилството се вбројува во редот на оние духовни појави, коишто со својот историско-културолошки статус и значење претставуваат релевантна придобивка не само за македонската, туку и за балканската и воопшто за европската цивилизација и култура.

На конференцијата ќе учествуваат еминентни професори од Република Македонија, Република Бугарија и Велика Британија. Организатор на конференцијата е проф. д-р Маја Ангеловска-Панова од Институтот за национална историја – Скопје.

На отварањето на конференцијата ќе се обратат проф. д-р Маја Ангеловска-Панова и академик Васил Ѓузелев од Бугарската Академија на Науките.