Доделени стипендии за учениците од Дебрца

По повод почетокот на новата учебна година најдобрите 20 ученици од основно и средно образование добија општински стипендии за тековната учебна година 2016/2017 година. Стипендиите во посебна пригода ги додели Градоначалникот на Општина Дебрца Игор Трајкоски, кој им посака успешна учебна година и одличен успех.

„Избрани сте како најдобри од најдобрите бидејќи сакате да учите и да се надградувате. Искуството покажало дека за секој што сака да учи и да се надградува, две нешта никогаш нема да бидат исцрпени. Прво, можностите за стекнување со вредни знаења и вештини. И, второ, шансите кои ви се нудат за да го употребите наученото. Она што е неопходно за двете нешта е отворен ум за да се прими знаењето и да се препознаат можностите. Само така ќе бидете успешни во новиот глобален натпревар, во новото динамично време“, истакна Трајкоски.

На крајот градоначалникот Трајкоски додаде, има една мудрост што ја препишуваат на Елеонор Рузвелт, а тоа е дека: „Големите луѓе се преокупирани со идеи, со стратегии, со визии; просечните луѓе се преокупирани со настани, а малите луѓе со другите луѓе”. Затоа бидете големи, бидете преокупирани со идеи. Бидете креативни и иновативни, нека вашите идеи станат наша реалност, таа реалност да стане дел од македонското општество. Да бидете вистински лидери во средините од каде што доаѓате, и да ја поттикнете желбата и кај другите безрезервно да придонесуваат за развојот на нашата држава и за нашата иднина.

Стипендиите кои контунуирано веќе по четврти пат се доделуваат се рангирани според износот во две категории, за учениците од основно образование 1000 денари и за учениците од средно образование 1500 денари месечно.