СДСМ: Пред да ветуваат изградба на нов нека го исполнат ветувањето за реконструкција на постојниот регионалниот пат во Дебрца

ОО на СДСМ Дебрца денес испрати соопштение, во кое стои:

„Во врска со информацијата за одржаната средба на граѓанинот Груевски со министри од повеќе ресори и градоначалници од која произлегло ветување за изградба на нов регионален пат за поврзување на општините Дебрца и Охрид, помеѓу село Требеништа и село Вапила ( а не село Велгошти, како што беше објавено во медиумите, кое нешто е или грешка на медиумите или ноторно непознавање на оние кои го промовирале ветувањето ), цениме дека оние кои во популистички стил, за изборни цели се расфрлаат со ветувања треба да се потсетат на порано дадените, а до денес неисполнети ветувања.

Имено, на ден 02.04.2013 година, непосредно пред вториот круг од локалните избори тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески , во придружба на Игор Трајкоски, тогаш кандидат на ВМРО ДПМНЕ, а денес актуелен градоначалник на општина Дебрца, при посетата на градежните работи за крпење на ударните дупки на регионалниот пат Ботун-Белчишта-Велмеј, на делницата Ботун-Белчишта го означи почетокот на работите за рехабилитација и реконструкција на патниот правец, при што истакна дека на терен се врши крпење на ударните дупки и поставување на ударниот слој и дека за околу две седмици ќе следи финалната фаза, со која ќе заврши целосната реконструкција на регионалниот патен правец, во должина од 5,7 км и дека средствата за овој проект биле обезбедени преку Агенцијата за државни патишта, во износ од околу 19,5 милиони денари. Во таа прилика, провладините курири “бомбастично” најавија дека жителите на Дебрца ќе добијат нов асфалт и модерен регионален пат.

Оттогаш до денес поминаа не две седмици, туку три и пол години, а ветувањето како и многу други остана неисполнето. Очигледно се беше предизборна лага.

За волја на вистината, во 2014 година од страна на ЈП Македонија Пат беше реконструиран дел од делницата Ботун-Белчишта, во должина од само 1.6 км, но и оваа реконструкција беше изведена крајно нестручно и неквалитетно, при што до денес не се изградени банкините на рeконструираниот дел од патот.

Оттаму, граѓаните со право прашуваат кога ќе се реконструираат преостанатите 4 км од ветените 5,7 км од регионалниот пат.

Најмалку Груевски и ВМРО ДПМНЕ, кои со десетгодишното расипничко владеење се најдиректните виновници за нерешените елементарни потреби на граѓаните имаат кредибилитет да ветуваат изградба на нови патни правци.

Новата одговорна Влада што ќе ја изберат граѓаните професионално ќе се посвети на сите проблеми што ги напласти актуелната власт.

Современа патна инфраструктура, чиј дел се и наведените регионални патни правци во Дебрца е еден од главните приоритети во Програмата на СДСМ, со чија имплементација ќе се заштитат животите на граѓаните по патиштата и ќе се обезбеди развој на Македонија.“– стои во соопштението.