Три жртви и голема материјална штета од силното невреме во Грција

Тројца грчки граѓани го изгубија животот на Пелопонез, а една жена од Солун се води за исчезната во невремето и по обилните дождови што вчера ја зафатија Грција.

Во невремето се поплавени огромен број места низ целата земја, причинети се катастрофални материјални штети, а дел од градовите, селата и од автопатите се блокирани и привремено отсечени.

Во Солун ситуацијата беше особено лоша во Термаикос и во Агиа Триада, а затворен е дел од патот од Епаноми кон Неа Михањона. Пожарната служба помогнала во повеќе од 20 случаи да се извлечат луѓе кои живеат во подрумите на зградите за да се избегнат жртви поради поплавите.

Невремето предизвика големи штети на Пелопонез, целосно беше поплавен градот Калмата, а катастрофални последици има и во Западна Грција, со поплави во градот Илиа и со штети од торнадо во градот Катаколо.

Силно невреме имаше и на островот Кефалонија, кој беше погоден од град, а туристите на Закинтос утринава се разбудија со несекојдневна глетка на торнадо среде море.

Извор: meta.mk