Отворен 37. Интернационален фестивал „Браќа Манаки“

Под мотото „Почувствувај ја светлината, почувствувај ја Битола“ и со перформанс што го подготви режисерот Мартин Кочовски во кој настапија актери од Битолскиот и Прилепскиот театар, студенти од ФДУ и гимназијалци од овој град, во Битола почна најновото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Кинематографери, режисери, актери и други претставници од филмската индустрија од целиот свет вечерва најнапред на црвениот килим, а потоа и пред сцената во Центарот за култура, го поздравија оскаровецот Џон Сил, кинематографер од Австралија кому беше врачена златна „Камера 300“ за „животно дело“, а писмо од холанѓанецот Роби Милер, исто така добитник на златна „Камера 300“ за „животно дело“, прочита Клер Пијман, негова соработничка и авторка на документарен филм за Милер.

За оскаровецот Џон Сил, голема работа е да се има наградата „Златна камера 300“ во раце.

Фестивалот за отворен го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој е традиционален покровител на „Браќа Манаки“.

Пред четврт век, Република Македонија прогласи независност. Од самиот почеток на приказната за македонската независност се пријавивме на многу адуции, во многу меѓународни организации. Во едни бевме примени, во други одбиени. Некаде бевме ставени на листа за чекање, некаде ни го грешеа дури и името. Се соочивме со речиси сите предизвици со кои може да се соочи една држава – со победи и падови, со успеси и порази. Кој и да го прочита сценариото за Република Македонија ќе види дека воопшто не ни беше здодевно во овие 25 години. Но има еден аспект од незавиноста со кој речиси никогаш немавме проблем, а тоа е полето на филмската уметност. На ова поле имавме импресивно филмско резиме“, истакна Иванов во своето обраќање.

Тој додаде дека во филмското резиме на Македонија стои и тоа дека од државата произлегле филмски остварувања кои освоиле бројни светски награди. – Затоа треба да продолжиме да ги промовираме нашите културни уметнички вредности кои му даваат боја на сивилото, нагласи претседателот Иванов.

На отворањето на фестивалот присуствуваше и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

Привилегијата за свечено отворање на фестивалот овој пат му припадна на тимот што го подготви и снимаше филмот „Ослободување на Скопје“, кој е македонско-хрватска-финска продукција во режија на Раде Шербеџија и Данило Шербеџија.

Утре претпладне, актерите од филмот „Ослободување на Скопје“ ќе одржат прес-конференција, а во текот на денот ќе бидат емитувани филмови во различни натпреварувачки категории. Планирано е да биде отворена и изложба на тема „40 години Кинотека на Македонија“.