СДСМ: Водокорисниците од Дебрца да се ослободат од обврската за плаќање на надоместок за наводнување

Општинската организација на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Со донесувањето на Законот за водостопанство, кој започна да се применува од 01 Октомври 2015 година користењето, управувањето, одржувањето и стопанисувањето со системите за наводнување од дотогашните водни заедници е пренесено на новоформираното Акционерско друштво во државна сопственост, „Водостопанство на Република Македонија“, како вршител на водостопанска дејност, при што за наводнувањето на земјоделските површини на подрачјето на општина Дебрца надлежна е новоформираната подружница на АД Водостопанство, „Црн Дрим“, со седиште во Охрид. Се работи за подрачје кое е надвор од хидросистемите, од причина што на овие територии нема изградено никакви хидротехнички објекти со кои се уредува режимот на користење на водите, како брани, акумулации, канали за наводнување, распределителни градби или некоја друга придружна инфраструктура. Зафаќањето на водата за наводнување од водотеците на Голема река и реката Сатеска се врши на крајно примитивен начин, со примитивни зафати, подигнати од нафрлани камења, гранки од околната вегетација, дрвени колци, најлони, вреќи со песок и слично. Главните канали по кои се носи водата се земјени јазови, а и целокупната секундарна мрежа ја сочинуваат земјени бразди за наводнување, без никакви современи хидротехнички градби.

И во такви услови и состојба со мрежата за наводнување, трите водни заедници, кои функционираа на подрачјето на општината, во десетгодишното свое постоење успеваа да обезбедат вода за наводнување за сите пријавени водокорисници и да ја вршат дејноста за која беа основани, односно без никаква поддршка на државата и локалната самоуправа, исклучиво со сопствени средства на водокорисниците успешно одговорија на целите на Законот за водните заедници, ги вршеа законски утврдените дејности, остана функционални и со далеку пониски цени на надоместок за наводнување од оние на поранешното водостопанство покажаа позитивни финансиски резултати.

Наспроти тоа, изминатава сезона за наводнување водокорисниците наместо подобрени услуги мака мачеа како да обезбедат вода за наводнување. И покрај секојдневните поплаки на водокорисниците од страна на АД Водостопанство, односно подружницата „Црн Дрим“ на терен речиси да не беше преземена никаква активност за остварување на надлежностите утврдени со член 5 и член 9 од Законот за водостопанство, а првенствено обезбедување на оптимални услуги на корисниците на вода за наводнување, како и одржување и обезбедување ефикасно и одржливо функционирање и користење на системот со кој стопанисува. Пред сезоната за наводнување не беше извршено чистење на јазовите и браздите за наводнување, не беа подигнати одредени зафати на речните корита, не беше воспоставен режим на користење на водата и сето тоа резултираше со отежнато и неквалитетно наводнување, а во одредени реони воопшто не беше обезбедена вода за наводнување. И не само тоа. До денес пред земјоделците не е појавен ниту еден претставник на АД Водостопанство, односно на неговата подружница да ги информира земјоделците-водокорисници кои се плановите и како се планира да се обезбеди вода за наводнување.

Единствената работа која успешно беше завршена од страна на АД Водостопанство е вработувањето на партиски кадри за вршење на административни и канцелариски работи и доставување до водокорисниците на сметките за воден надоместок.

Поради тоа, во целост ги поддржуваме оправданите барања на водокорисниците оваа година да бидат ослободени од обврската за плаќање на водниот надоместок, а од наредната сезона за наводнување вршителот на водостопанската дејност навремено и квалитетно да ги извршува дејностите за кои е основан, а за што првенствено е потребно да се ангажираат повеќе работници за работа на терен, односно за чистење на мрежата за наводнување.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.