Работна средба на Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги и Државната изборна комисија

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денеска беше домаќин на работната средба со членовите на Државната изборна комисија. Во фокусот на состанокот беа меѓусебното информирање за досегашните активности, како и напорите насочени кон подигнување на нивото на почитување на изборната регулатива.

На средбата уште еднаш беа потврдени заложбите за натамошна соработка во согласност со Меморандумот за соработка, потпишан во февруари годинава.

Од почетокот на мониторингот на медиумското известување во пресрет на изборите во декември 2016 година, Агенцијата повторно започна да и доставува на Државната изборна комисија седмични извештаи за сите преземени активности. Со почетокот на кампањата ќе се испраќаат дневни извештаи. Сите материјали добиени од Агенцијата, ДИК ги објавува на својата веб страница.

За поедноставен проток на информации, Агенцијата на својата веб страница постави банер за Изборите во декември 2016 година, во кој ќе бидат објавувани сите извештаи кои се доставуваат до Државната изборна комисија, како и документи, материјали, податоци и информации во врска со изборниот процес, вклучувајќи ги и извештаите од мониторингот и од констатираните прекршувања и предлозите за постапување од Привремената комисија за следење на медиумското претставување. До сите членови на Државната изборна комисија и до генералниот секретар, информациите како и досега ќе се доставуваат по електронска пошта.

Досегашната меѓусебна соработка беше позитивно оценета. Двете страни се согласија дека во периодот кој следи ќе продолжат максимално да се залагаат за професионално исполнување на заемните обврски и почитување на изборната регулатива со цел спроведување слободни, фер и демократски избори во Република Македонија.