Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски”, одржа предавање на тема „Геостратегиската и геополитичката позиција на Република Македонија и мигрантската и бегалската криза”, со што свечено почна академската 2016/2017 година.
Претседателот Иванов во предавањето се осврна на актуелни прашања од доменот на геополитиката и геостратегијата, кои се однесуваат на предизвиците со кои се соочува Република Македонија, во контекст на мигрантската и бегалска криза.
„Географијата како траен фактор на политиката повторно стапува на сцена и нам ни останува да се прилагодиме и подготвиме за значајните промени кои претстојат и со кои ќе треба да се справиме, пред сè да го сочуваме она што го имаме , а тоа е сопствената држава. Сите треба да дадеме личен пример и придонес за остварувањето на таа цел”, порача претседателот Иванов во предавањето.
Деканот на Воената академија, полковникот Орце Поповски, пак, додаде дека Академијата од своето основање дава значителен напредок и квалитативен и квантитативен придонес во рамките на системот за одбрана со нови високообразувани старешини и студенти од областа на одбраната, безбедноста и управувањето со кризи.
На свеченото започнување на академската година, покрај питомците од јубилејната 20.класа на Воената академија и слушателите на вториот циклус на студии на Академијата, присуствуваа заменикот на началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Мухамет Рацај, генералите во Армијата на Република Македонија, државниот секретар во Министерството за одбрана на РМ, Елизабета Чуповска Ристовска, заменик министерот за внатрешни работи, Оливер Андонов, како и професори на Воената академија.