Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и Градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески денес официјално ги пуштија во употреба новите три тениски терени и новото повеќенаменско спортско игралиште во СРЦ “Билјанини извори” во Охрид, кои се наменети за граѓаните и спортистите на Охрид.
Овие игралишта се инвестиција на Владата на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт и се дел од проектот „Изградба на 120 тениски терени низ целата држава“ и од проектот „Изградба на 100 повеќенаменски игралишта низ целата држава“.
Директорот Спасески во своето обраќање до граѓаните на Охрид, истакна дека со инвестициите на Владата на РМ и Агенцијата за млади и спорт, Охрид успеале да го направаат еден од најголемите спортски центри во регионот и пошироко.
„Успехот во спортот недвосмислено е поврзан со условите за тренинг и развојот на спортската инфраструктура. Да се има желба или талент за спорт не е доволно доколку не се обезбедат соодветни услови. Токму во таа насока се капиталните проекти за изградба на спортската инфраструктура во Охрид.Со тоа допринесуваме младите и идните спортисти да ги имаат сите потребни услови за спортување и постигнување успех – истакна Спасески и дополни дека Агенцијата за млади и спорт останува посветена на реализацијата и на останатите проекти како што е затворениот пливачки базен во СРЦ “Билјанини Извори,” и на фитнес зоната во Охрид, а предвидено за градба во понатамошниот период од 2017 година е и спортскиот Скејт парк, со што Охрид слободно можеме да кажеме дека со сите досегашни инвестииции прерасна во еден од најголемите спортски центри во регионот и пошироко“. – рече Спасески.
Градоначалникот Бакрачески се заблагодари за инвестициите во спортската инфраструктура од страна на Агенцијата за млади и спорт и истакна дека ваквите инвестиции се највредното нешто во изградбата на младите во здрави личности, а со тоа и во борбата и оттргнувањето на младите од пороците.
Во рамки на СРЦ „Билјанини извори“ веќе функционираат двата помошни терени за голем фудбал, едниот на природна и другиот на вештачка трева, а во тек на градба е затворениот пливачки базен.