Претседателот Иванов на средба со македонската дијаспора во Њу Џерси

Во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на 71 сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, оствари средба со претставниците на македонската заедница во Сидер Гров, Њу Џерси.

Претседателот Иванов ја посети црквата „Св. Кирил и Методиј” и присуствуваше на традиционалниот фестивал, што секоја година го организира македонската дијаспора од Њу Џерси, со цел промоција на македонската традиција и култура во САД.

Македонскиот претседател ги поздрави присутните и им порача на претставниците на македонската заедница да бидат сложни и единствени, хумани и солидарни, и достоинствено и гордо да ја претставуваат Македонија.

„Секој ваш успех е и успех за Македонија. Колку поуспешни поединци, толку поуспешна Македонија. Со тимска работа да ја направиме Македонија подобро место за живеење. Да соработуваме и да се сплотуваме“, им порача претседателот Иванов на македонските иселеници во Њу Џерси.

Македонскиот претседател при секоја посета на странска држава, традиционално остварува средби со македонските иселеници и во континуитет се залага за развој на односите со дијаспората, преку оддавање признанија за нивните успеси како поединци и здруженија.

Претставниците на македонската заедница изразија задоволство и се заблагодарија за посетата на претседателот Иванов.

Македонската заедница во Њу Џерси брои околу 20.000 Македонци. Претседателот на црковната заедница, Никола Милески, истакна дека Македонците во овој регион на САД се етаблирани членови на американското општество, позиционирани во повеќе области, пред се како доктори, бизнисмени и адвокати, но не се доволно инволвирани во политиката и во процесот на донесување на одлуки. Киро Трајчевски изјави дека македонската заедница во Њу Церси будно ги следи сите политички настани како во САД, така и во Македонија, и истакна дека изминативе години има повеќе директни ивеститори токму од нивни сограѓани, Македонци од Њу Џерси, кои инвестирале во угостителството, туризмот, рударството и винарството во Република Македонија.

Во рамки на учеството на 71 сесија на Генералното собрание на ОН, претседателот Иванов денеска ќе се обрати на состанокот на високо ниво за справување со големите движења на бегалци и мигранти.