Микропретпријатијата во Македонија иако сочинуваат 90 проценти од претпријатијата и вработуваат 23 проценти во вкупната додадена вредност на БДП, имаат ограничен пристап до основните банкарски услуги. Затоа голема улога во поддршка на нивниот развој имаат микрофинансиските институции кои во земјава се развиваат веќе 20 години, а во моментов работат 12. Во насока на развој на микрокредитарањето е и денешната регионална конференција „Финансиска инклузија преку микрофинансирањето“, организирана од Сојузот на микрофинансиски организации, со поддршка на УСАИД.
„И покрај тоа што микропретпријатијата како целина се многу важен сегмент во економијата, нивниот пристап до пазарот на капитал е ограничен бидејќи станува збор за мали субјекти кои имаат до 10 вработени. Оттаму улогата на микрокредитирањето е од суштинско значење за развојот на овој сегмент и за развојот на претприемништвото во земјава“, порача министерот за финансии Кирил Миноски на конференцијата во Скопје.
Тој додаде дека Владата на Република Македонија го разбира значењето кое што микропретпријатијата го имаат како двигател на развојот на економијата и генератор на работни места и во таа насока за да го поддржи нивниот развој настојува преку преземање на соодветни политики и мерки да им го олесни пристапот до капитал.
„Носител на тие активности е Македонската банка за поддршка на развојот преку која Владата на РМ пласираше посебна кредитна линија за поддршка на иницијативи за микробизнис, а од минатата година започна да работи и Фондот за иновации, чија цел е поттикнување и поддршка на иновациската дејност во микро, малите и средни претпријатија. Досега преку фондот се финансирани 33 проекти за кои се доделени средства во висина од 1,3 милиони евра. Целта е да се поттикнат микропретпријатијата да се фокусираат на иновациски пристап на работење што ќе овозможи придвижување на економијата во насока на градење на иновативна економија базирана на знаење,“ посочи Миноски и додаде дека значајна поддршка се дава и преку мерките за вработување.
Со цел да се олесни пристапот до кредити на малите и средни претпријатија, во 2010 година донесен е Законот за финансиски друштва со кој е дадена можност небанкарските финансиски институции да вршат кредитирање во форма на кредити, кредитни картички, гаранции и факторинг.
Гувернерот на НБРМ Димитар Богов истакна дека во повеќето земји, како и кај нас банките преовладуваат во кредитната и депозитната база, но дека и небанкарските институции, како штедилниците, институциите за микрофинансирање, финансиските задруги, исто така, имаат значајна улога во обезбедувањето финансиски услуги.
Тие, како што појасни, обично прибираат депозити и одобруваат кредити, но нивното значење е што служат на поголем процент на граѓани. Работат со оние граѓани кои имаат ограничен или немаат пристап до банкарските производи. Работат со ранливи групи кои многу тешко имаат пристап до оние класични банкарски производ, рече Богов.
На финансискиот пазар во Македонија денес работат 12 финансиски друштва, кои од почетокот на годината имаат склучено околу 3.000 договори за кредитирање. Овој пазар во земјава се развива 20 години и таргет група се микро и малите претпријатија. Според претседателот на Сојузот на микрофинансиските организации Горан Лазаревски, се работи за десетици илјади доделени кредити, кај кои не е важен износот бидејќи станува збор за луѓе од ранливи категории и каде тие средства се важни за егзистенција.
Тој потенцира дека е важно што има висока стапка на враќање на кредитите што е една од карактеристиките во споредба со банкарскито систем.
Џејмс Стаин, директор на Мисијата на УСАИД во Македонија потенцира дека во светот над 2 милијарди луѓе немаат пристап до формалните банкарски услуги и затоа финансиската инклузија е важен фактор во намалување на сиромашитијата и развој на економијата.
Тој појасни дека преку проектот заедно со Сојузот се фокусираат на финансиска инклузија и иновации, за да им се овозможи на малите и микро претпријатија и домаќинства кои немаат пристап до финансии да обезбедат пристап и на тој начин да ги поддржат своите идеи.
„Се фокусираме освен на домаќинствата со ниски приходи и на микро и малите претпријатија кои претставуваат доминатен дел од националната економија, кои се значајни за развојот и на овој начин ќе ги реализираат своите намери“, истакна Стаин.
Тој смета дека секторот на микрофинансирање во Македонија во изминатите години покажува постојан раст и посочи дека со поддршка на проектот на УСАИД ќе се фокусираат на развивање на технолошктие решенија за да ги доближат продуктите до поголем број корисници.