Продолжува проектот „Деловен појадок“ на ОРМ

Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови – ХОТАМ се приклучи кон иницијативата на Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) за измени и дополнувања на законската регулатива која се однесува на ангажманот на сезонските работници. На оваа тема се разговараше и на новиот состанок од серијата консултации со претставници на бизнисот, коишто во рамки на проектот „Деловен појадок“ ги организра ОРМ, со цел размена на мислења и идеи од кои ќе произлезат предлози за подобрување на регулативата во областите кои се од интерес на работодавачите во Република Македонија.

На состонокот што денеска се одржа во хотелот „Дрим“ во Струга, претставниците на компаниите од угостителскиот и туристичкиот сектор – членки на ХОТАМ, се приклучија кон предлогот за воведување нов модел за пријавување и плаќање на сезонските работници, по т.н. систем на дневни купони или ваучери, со којшто значително ќе се поедностави пријавувањето на овие работници, ќе се зголеми нивната социјална сигурност и ќе се елиминира плаќањето високи глоби за непријавените работници.

„Досегашниот тек на консултациите со членовите на ОРМ покажува дека сме на добар пат да дефинираме еден поширок сет предлози и мерки кои сметаме дека ќе ја подобрат деловната клима и ќе овозможат подинамичен раст на бизнисот и домашната економија. Предлозите кои се однесуваат на ангажманот на сезонските работници се дел од овој пакет кој ОРМ ќе го предложи за усвојување пред социјалните партнери, штом се создадат услови за тоа, најверојатно веднаш по завршувањето на парламентарните избори“, изјави претседателот на ОРМ, Ангел Димитров, дополнувајќи дека од дискусиите на бизнисмените од секторот за туризам и угостителство јасно произлегува дека токму овој витален дел од домашната економија има неопходна потреба од значително поедноставување на моделот на пријавување и плаќање на придонесите за сезонските работници чиј број во овој сектор, од година во година е во пораст.

foto_orm_angel-dimitrov

„На состанокот дискутиравме и за некои дополнителни предлози кои се однесуваат на начинот на плаќање на редовните вработени во екот на главната туристичка сезона и надвор од неа, кога обемот на работа на голем дел од капацитетите во нашите најголеми туристички центри е намален. Сметаме дека сегашното решение за прераспределба на работното време во Законот за работни односи е недоволно прецизно и предизвикува проблеми во примената. Разгледавме и искуства од оваа област во други земји, како што е Словенија, кои сметаме дека се применливи и кај нас. Исто така, ја разгледуваме и идејата законски да се дорегулира сезонското ангажирање во туризмот,на студенти и лица до 25 години, како мерка со која ќе се намали одливот на млад кадар во странство“, информираше претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажевски.

Покрај нов модел за ангажман на сезонските работници, пакетот предлози на ОРМ го сочинуваат и поефикасни законски решенија за намалување на повредите и несреќите на работните места, како и измени во законот за трговски друштва со кои ќе се поттикнат домашните инвестиции. Сите овие предлози и мерки се разгледуваат на регионалните состаноци кои ги иницира Организацијата на работодавачи на Македонија, а за што добива поддршка од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“ кој е финансиран од Европската унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

foto_orm-2

За Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ)

Во Организацијата на работодавачи на Македонија членуваат над 1000 компании од 15 сектори со повеќе од 70 000 вработени. ОРМ е единствената репрезентативна организација на работодавачите од приватниот сектор во земјава која заедно со Владата и синдикатите го сочинува Економско-социјалниот совет, како трипартитно тело за социјално договарање и креирање политики. Истовремено, ОРМ е единствената репрезентативна организација на работодавачи која има легитимитет да преговара и да склучува општ колективен договор за приватниот сектор. Почнувајќи од 2005-та година, мисијата на ОРМ се остварува преку креирање и предлагање мерки, политики и активности во интерес на работодавачите во областите на образованието, инфраструктурата, општествената одговорност, безбедноста и здравјето при работа, трудовата и социјална легислатива, оданочувањето, инвестициите, кредитирањето и казнената политика. Повеќе информации на: www.orm.org.mk