Општинската организација на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„На почетокот на оваа година општина Дебрца преку Бирото за регионален развој набави 250 индивидуални канти за отпад, со капацитет од 120 литри, чија вкупна вредност изнесува 375.000 денари.
Во таа прилика, сликајќи се пред кантите, градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски истакна дека истите ќе бидат наменети за домаќинствата во општината и дека со нивната набавка значително ќе се придонесе за подигнување на јавната чистота во општината.
И се би било добро да беше така.
Откако кантите беа предадени на ЈП „Дебрца“, наместо бесплатно да се делат на домаќинствата, а кое нешто беше предизборно ветување на градоначалникот на општината, со одлука на Управниот одбор на јавното претпријатие се продаваа на заинтересирани корисници на услугите.
И тоа не е се.
Пред неколку дена, 100 канти за отпад се транспортирани во село Корошишта, општина Струга, наводно како компензација за услугите со специјално возило за отпад од страна на фирма од тоа село.
Јавно го прашуваме директорот на Јавното претпријатие „Дебрца“:
Кој донесе одлука плаќањето за користените услуги да се врши со компензација со кантите кои беа набавени преку Бирото за регионален развој и наменети за домаќинствата во општина Дебрца? Доколку има таква одлука, дали сметате дека истата е во функција на подигнување на јавната чистота во општина Дебрца или во некоја друга општина?
Ова е уште еден пример за тоа колку и како одговорните во општината и јавното претпријатие се „грижат“ за интересите и потребите на граѓаните на општината. И затоа, не случајно состојбата со собирањето и депонирањето на комуналниот отпад и дивите депонии во општината, особено во последниве две години е вистински хаос.
По демократските промени, што ќе се случат на 11 декември и особено по локалните избори идната пролет, новата Влада и новата локална власт, предводени од СДСМ се обврзуваат да го решат овој и другите слични комунални проблеми, без притоа да ја задолжуваат општина Дебрца.“ – стои во соопштението од СДСМ Дебрца.