Запленета дрога, лекови, девизи, бои за тетовирање, ловечка пушка, фалсификати и друго

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија два обиди за криумчарење марихуана и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани девизи, лекови, бои за тетовирање, лепила, транспортни ремени, контактори, украси за огради, облека, ловечка пушка и муниција и фалсификати.

Задржана е следната стока:

Лекови и бои за тетовирање

– 2097 парчиња KAMAGRAOralJelly (гел) 100 mg, откриени при контрола на српски автобус управуван од српски државјанин, пријавен за влез во државата на царинската испостава Блаце – отсек за патнички промет. Непријавените лекови, за кои е потребно одобрение за увоз издадено од Бирото за лекови, се пронајдени во фабрички пластичен резервоар сместен во багажниот простор на автобусот. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 60 кесички од по 5 грама со натпис KAMAGRAOralJelly, откриени при контрола на бугарски автомобил управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Делчево. Непријавените лекови, за кои е потребно одобрение за увоз издадено од Бирото за лекови, се пронајдени во кеса сместена меѓу предните седишта и покриена со мала торбичка. Истите се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.

– 66 кутии разни лекови (ACCU-CHEK ленти, RIVOTRIL од 0,5 и 2 mg, DILACOR ампули, Moditen Depo ампули и OKI од 80 mg), откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на косовски автомобил, управуван од косовски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Јажинце. Лековите, пронајдени позади предните седишта, во фабрички празнини и во задниот џеб од совозачкото седиште, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

– 25 бои за тетовирањеEternalInк од по 30 ml, откриени при контрола на германски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените бои, пронајдени во ранец сместен во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Марихуана

Во текот на минатата недела спречени се два обиди за криумчарење марихуана.

Во првиот случај, при контрола на турски автомобил управуван од турски државјанин, пријавен за излез од државата, на граничниот премин Табановце автопат, во преградата на левата врата била пронајдена кутија од цигари со два џоинти, за кои тестерот за дрога покажал присуство на марихуана. Лицето и дрогата се предадени на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.

Во вториот случај, при личен претрес на грчки државјанин, кој управувајќи германски автомобил, се пријавил за влез во државата на граничниот премин Богородица, во џеб од неговите панталони била пронајдена кеса од режан тутун која содржела 1 грам тревкаста материја со зелена боја. При контрола со тестер за дрога било утврдено дека се работи за марихуана.

Во двата случаи, лицата и дрогата се предадени на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.

Девизи
– 12.300 евра, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Табановце автопат, при лични претреси на двајца македонски државјани.
Во првиот случај, возач на хрватски автомобил, пријавен за влез во државата, пријавил дека со себе носи 10.000 евра, но при извршениот личен претрес, под облеката, во пределот на стомакот, биле пронајдени уште 7.300 евра. Согласно законските прописи на возачот му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 7.300 евра се привремено задржани. За сторениот прекршок против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
Во вториот случај, во џеб од фармерките на возач на македонски автомобил, пријавен за влез во државата, биле пронајдени 15.000 евра. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, додека 5.000 евра се привремено задржани. За сторениот прекршок против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 4.900 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин, кој управувајќи македонски автомобил, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Меџитлија. На прашање на царинските службеници, возачот пријавил дека носи 3.500 евра, но во џеб од неговите тренерки биле пронајдени 6.900 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 2.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а 4.900 евра биле привремено задржани. За сторениот прекршок против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Лепила, транспортни ремени, контактори и делови за огради
– 107 силиконски лепила марка Fisher, откриени при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце. Непријавените лепила, пронајдени во кабината на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поведена прекршочна постапка.

– 2 транспортни ремени за индустриска машина, откриени при контрола на стока со потекло од Тајван, наменета за увозник од Скопје, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Блаце-отсек за стоково царинење. Ремените, што не биле опфатени со царинската декларација, се привремено задржани, а против увозникот е поведена прекршочна постапка.

– 80 парчиња метални украси за кована ограда (40 килограми), откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Производите, пронајдени во вреќа сместена во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот е поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

– 12 контактори марка SIEMENS, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот на македонска државјанка која допатувала со лет од Анталија. Непријавените производи се привремено задржани, а против патничката ќе биде поведена прекршочна постапка.

Облека

– 27 пара фармерки, откриени од страна на мобилните царински тимови при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Делчево. Непријавените фармерки, пронајдени во кеса, сместена во багажникот на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поднесено барање за поведување на прекршочна постапка.

– 69 парчиња облека (комплети тренерки, блузи, џемпери, чорапи и хеланки) и 13 пара детски патики, откриени при контрола на бугарски автомобил со кое за влез во државата на граничниот премин Делчево, се пријавиле двајца бугарски државјани. Непријавените производи, пронајдени во две торби и една кеса сместени во багажникот на возилото и прекриени со стара облека, се привремено задржани, а против сопатникот во возилото, кој бил сопственик на стоката, ќе биде поведена прекршочна постапка.

Оружје и муниција

– 1 употребувана ловечка пушка, марка BAIKAL, и 47 патрони ловечка муниција со калибар 12 мм, откриени при контрола на грчки автомобил-пикап, управуван од грчки државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Оружјето и муницијата, пронајдени позади задното седиште на возилото, се привремено задржани, а против возачот ќе биде поведена соодветна постапка.

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

– 6.560 детски играчки, 588 парчиња облека и 348 шампони со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во четири одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови.

Во првиот случај, при контрола на стока со потекло од Шпанија, наменета за фирма од Гостивар, пријавена за увозно царинење во царинската испостава Скопје 4, биле пронајдени 23 картонски кутии со вкупно 6.560 гумени играчки со ознаки на заштитена трговска марка, чија пазарна вредност е проценета на околу 807 илјади денари, доколку би се продавале како оригинали.

Во вториот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена на патниот правец Битола-Прилеп, во багажниот простор на возилото биле пронајдени 331 парчиња облека (блузи, долни тренерки, кошули и комплети) со ознаки на заштитени трговски марки, за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки. Пазарната вредност на производите е проценета на околу 215 илјади денари, доколку би се продавале како оригинали.

Во третиот случај, при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, извршена исто така на патниот правец Битола-Прилеп, во багажниот простор на возилото биле пронајдени 257 парчиња облека (долни тренерки и капи) со ознаки на заштитени трговски марки, за кои возачот не поседувал документи за потекло и платени увозни давачки. Пазарната вредност на производите е проценета на околу 562 илјади денари, доколку би се продавале како оригинали.

Во четвртиот случај, при контроли на две возила, еден македонски и еден бугарски автомобил, управувани од двајца македонски државјани, извршени на патниот правец Неготино – Кавадарци, во нивните багажни простори биле пронајдени вкупно 348 шампони за коса со ознаки на заштитени трговски марки, за кои возачите не поседувале документи за потекло и платени увозни давачки. Пазарната вредност на производите е проценета на околу 40 илјади денари, доколку би се продавале како оригинали.

Во сите четири случаи, поради сомневање дека стоката повредува права од интелектуална сопственост, истата е привремено задржана, и согласно законските прописи ќе биде започната постапка за докажување на нејзината оригиналност.