Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во изјава за медиумите истакна:
„Како шеф на опозицијата со најдобри намери сум овде присутен да ви испорачам помош и препорака до Владата заедно да решиме некои работи во интерес на нашите граѓани.
Состојбите во Македонија со откупот на грозјето се катастрофални. Тиквешијата е во немилост и навистина на нашиот народ му треба помош.
Верувам дека е така и во помалите региони кадешто во моментов се бере грозјето, се пласира на откупните пунктови и слично. Тиквешкиот регион годишно произведува некои 130 милиони килограми црно и бело грозје. Отприлика 60 до 50 милиони килограми црно и 50 до 60 милиони килограми бело.
Ова што до сега е очекување е дека половина од грозјето нема да се откупи.Тоа е само по себе сериозен индикатор дека овој наш народ ќе остане без пласиран род и без пари за своја сопствена егзистенција. Извршителите, банките, аптеките за препаратите и слично не чекаат, тие веднаш инкасираат и тргнуваат во наплата на своите побарувања.
Се работи за нашиот народ. Овде сме денеска да испратиме порака до Владата на Р.Македонија. Зад некои работи да застанеме заедно.
Директно ја повикуваме Владата да направи интервентен откуп на овие 50тина милиони килограми црно и бело грозје коишто се останати во тиквешкиот крај и во цела Македонија да бидат откупени. Се работи за интервенција од не повеќе од 10 милиони евра.
Самото Панормаско тркало е 18 милиони евра ако не и повеќе. Сите овие непродуктивни трошоци коишто се трошат одат во неповрат. Имаме живи луѓе, наши граѓани на коишто треба да им помогнеме. Јас верувам дека ќе се смогнат сили директно да се интервенира и да се откупи ова грозје и таму кадешто има простор да се складира за да може дел по дел да се обработи во вино и да биде продадено на пазарите ширум светот.
Само на овој начин може овде да се помогне. Последното ветување од страна на Владата е дека доколку откупните пунктови откупат повеќе од 60% од грозјето ќе дадат 3 денари субвенции на откупните пунктови. Верувам дека е стимуличрачка мерка, но не дава резулатат.
Еве откупните пунктови се затворени ширум Македонија. Лозарите чекаат по три два четири дена пред откупните пунктови и не можат да го продадат својот род, а ако фати уште една слана, ако падне уште еден дожд, родот отиде на земја. Ќе го изгубат тоа за што работеле цела година, за што се труделе и тоа од што ги гледале своите семејства.
Ова е последна година во Р.Македонија кадешто лозарите ќе останат незаштитени. После декември државата ќе биде директно вклучена со интервентен откуп во организација на пласманот на земјоделското производство така и на грозјето.
Тоа значи дека 30 дена пред откупот ќе се знаат цените. Субвенциите ќе дојдат навремено и тоа во февруари, најдоцна март, кога им требаат на лозарите. Државата ќе формира посебни агенции за грозје, за градинарски производи, за овоштарски производи, за житото, за тутунот кадешто директно ќе биде партнер и со земјоделските производители и со откупувачите. Ние во Македонија имаме нешто што е наша предност и наша вредност, а тоа е работливиот народ и ова земјоделско производство. Мораме директно да интервенираме ако нашите граѓани сакаат да градат иднина во Р.Македонија.“– истакна Заев.