Груевски: Ноемвриската пензија ќе се зголеми за 5 проценти

Ноемвриската пензија која пензионерите ќе ја земат на почетокот на декември ќе биде зголемена за 5 проценти, согласно ветеното зголемување кое претходно го има дадено Владата, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој присуствуваше на промоција на книги од едицијата „Македонски искушенија“.

Тој истакна дека пензионерите ќе добијат ново зголемување од 670 денари кое на годишно нивно е зголемување од околу 8000 денари.

Досега со зголемувањата на пензиите просечната пензија е зголемена за 70, а минималната за 90 проценти, истакна Груевски.

Тој посочи дека и покрај негативното влијание кое политичката криза го има врз економијата, Владата претходно донела мерки со кои ќе се заштити македонската економија, а во исто време се реализираат и ветените проекти во корист на граѓаните.