Спречен шверц на 12 килограми марихуана на граничниот премин Блато

Вчера (28.09.2016 година) царинските службеници спречија шверц на 12 килограми марихуана на ГП Блато.

Имено, на ден 28.09.2016 година околу 13:40 часот, на граничниот премин Блато за влез во Република Македонија се пријавил З.Л.(33) државјанин на Република Албанија, управувајќи патничко моторно возило марка „Mercedes“ со албански регистарски ознаки, кој на прашањето на царинскиот службеник дали има нешто да пријави за царинска контрола одговорил дека нема ништо за пријавување. Заради сомневање во неговата изјава, царинскиот службеник го селектирал возилото за детален преглед. При вршење на контролата на возилото царинскиот службеник приметил дека под десниот праг е сместена најлонска фолија и почнал детално да го прегледува прагот од возилото. Кога лицето З.Л. видело дека царинскиот службеник почнал да го демонтира прагот од возилото, ја искористилo приликата и со трчање се далo во бегство кон територијата на Република Албанија.

mar21

Веднаш по неговото бегство од граничниот премин, полициските службеници од Регионалниот центар запад – ПС Блато во соработка со пограничните власти од Република Албанија презедоа сеопфатни мерки за пронаоѓање на лицето и по еден час интензивна потрага со помош на куче трагач З.Л. е пронајден и е лишен од слобода.

Царинските службеници при контролата во левиот и десниот праг од возилото пронајдоа вкупно 23 пакувања наполнети со опојна дрога марихуана со вкупна тежина од околу 12 килограми најпрво запечатени со најлонска и алуминиумска фолија, а потоа облепени со селотејп трака.

Предметот е предаден за понатамошно постапување на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги во Царинската управа. Царинските инспектори од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги во Царинската управа по документирање на целиот случај и по прибирањето на сите материјални докази, против З.Л. државјанин на Република Албанија ќе поднесат кривична пријава до надлежното јавно обвинителство поради основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекрусори“.

mar41