Владата предвиде средства за проектот за повеќе на електрични автомобили и субвенции за вградување на плински уреди во автомобилите. Вицепремиерот Владимир Пешевски денес изјави дека веќе во буџетот за следната година се предвидени средства за новите мерки од областа за автомобилизмот и заштитата на животната средина.
За мерките кои беа промовирани во делот на подобрување на животната средина, поинтензивното воведување на електрични автомобили и трансформирање на дел од возилата кои користат бензиски горива, на плин, во буџетот кој е предвиден за 2017 година веќе се алоцирани доволно средства за оваа програма да отпочне. Се разбира во зависност од интересот таа динамика во годините што следат ќе се прилагодува. Апелирам до граѓаните да ги искористат поволностите кога тие ќе бидат операционализирани, ќе има и определени дебати на оваа тема и да се види дали мерките може да бидат и подобрени. Особено за оние кои поинтензивно ги користат возила можност да се набави елекетрично возило кое придонесува за почиста и поздрава средина ќе има и многу голем економски бенефит. Едно е субвенционирање, а другата страна е и самото полнење на електрични возила е драматично поевтино од користењето на класични бензини и дизел горива.
Пешевски повтори дека со мерката се предвидува намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти, целосно ослободување од царина, неплаќање на дополнителна акциза, паркинг низ јавните паркинзи, патарина, можност возилото да се движи онаму каде сега е дозволено само за автобуси и такси возила што заедно со инфраструктурата што ќе се изгради ќе ја направи Македонија една од понапредните земји во регионот.
Груевски во понеделникот ги промовираше мерките за поеколошки превоз со субвенционирање на плинските уреди во автомобилите, како и укинување на царината за увоз на електрични возила кои се штедливи и не загадуваат.
„При купувањето на електрични автомобили ќе се применува повластената даночна стапка од 5 проценти, наместо сегашните 18 проценти. Исто така се планира Владата да дава субвенција за купување електрично возило и тоа од 3.500 евра за секое електрично возило чија набавна вредност е до 25.000 евра и субвенција од 5000 евра за секое електрично возило чија набавна вредност е над 25.000 евра“, соопшти Груевски.
Во период од 10 години електрични автомобили ќе бидат ослободени и од плаќање на патарина, бесплатно ќе паркираат на кој било јавен паркинг и ќе имаат бесплатна регистрација во делот за надомест за патишта.
Возачите кои сакаат да инсталираат плински уред во својот автомобил ќе треба да добиваат ваучери од 300 евра за набавка на плински уред кои ќе се распределат на јавен повик секоја година. Оваа мерка ќе се однесува само на возилата со ЕУРО 0, ЕУРО 1, 2 и 3 стандард, односно оние кои се произведени до почетокот на 2006-та година.