Охрид пулсираше во ритамот на хуманоста, спортот и здравјето

Денес Охрид пулсираше во ритамот на хуманоста, спортот и здравјето. Бројните посетители и учесници од сите возрасти, во хуманитарната спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“, која денес во организација на Црвен крст Охрид и во соработка со Асоцијацијата на спортови „Спорт за сите-сите за спорт“ и Сојузот на училишен спорт, се реализираше на Градскиот плоштад во Охрид, уживаа во разновидните спортско-рекреативни, здравствено-едукативни и културно-забавни содржини.

Главната трка го означи стартот на оваа акција на која младите го покажаа својот спортски дух натпреварувајќи се во фудбал, баскет, бадминтон, тенис, хокеј на трева, пикадо, шах. прецизно возење велосипед, скокање со јаже, вртење хулахоп. Најкреативните беа дел од ликовното катче подготвено од страна на партнерот на акцијата Стоматолошкиот центар Др.Баткоски, кој во соработка со ресторанот Виа Игнациа од Вевчани за најмладите подготви богата „шведска маса“ со разноврсни здрави прехрамбени производи и бројни награди. За забавниот дел од програмата се погрижија „распеаните рибарчиња“. Свое катче на градскиот плоштад имаа и младите од Центарот за развивање на животни вештини Бреинобреин-Црвен крст Охрид, како и програмата Детски час за приказни на англиски јазик.

Овој настан ги привлече и највозрасните волонтери на Црвен крст Охрид што ја спроведуваат програмата за грижа за стари лица, кои го одбележаа 1-ви октомври Меѓународниот ден на стари лица со промоција на програмата и дружење со корисниците на програмата. И кај нив не изостана спортскиот дух па се изпробаа во практикување на вештини од ЈОГА-СМЕА, нова програма која започнува да ја реализира Црвен крст Охрид.

Црвен крст Охрид изразува благодарност до сите кои ја помогнаа, поддржаа и учествуваа во реализација на оваа акција и информира дека учесничките броеви за акцијата по цена од 30 ден. кои учествуваат во голема наградна игра со преку 50 вредни награди, ќе бидат во продажба до 15 октомври. Извлекувањето на наградите ќе се изврши на 15.10.2016 (сабота) во 18 ч. на телевизија ТВМ.

Средствата собрани од хуманитарната спортско-рекреативна акција „ЗА ПОСРЕЌНО ДЕТСТВО“ ќе бидат наменети за помош на децата со здравствени потешкотии од социјално загрозените семејства во Охрид и Дебрца.