Продолжува проектот „Бесплатен туристички викенд“: 650 пензионери овој месец ќе заминат во туристичките центри

Шестотини и педесет пензионери ќе може да ги искористат услугите кои ги овозможува Владата во рамки на проектот „Бесплатен туристички викенд“ во есенскиот циклус.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев денес информираше дека по завршување на пролетниот циклус од проектот „Бесплатен туристички викенд“ кој се реализираше со периодот од март до јуни, продолжуваат со есенскиот кој ќе се одвива месецов.

Во рамки на овој октомвриски циклус се предвидени четири смени во кои по соодветна динамика, пензионерите кои се пријавија на јавен и транспарентен оглас, ќе имаат можност да искористат бесплатен туристички викенд во еден од четирите предвидени туристички центри, односно во Охрид, Отешево- Преспа, Дојран и Берово. Викендот е врз база на тродневен престој кој опфаќа две ноќевања со полни пансиони и организиран превоз од местото на живеење на пензионерот до туристичкиот центар и во обратна насока, истакна Ѓорѓиев.

Тој посочи дека со реализацијата на овој октомвриски циклус на годишно ниво околу 2.500 пензионери ќе ја искористат можноста за бесплатен туристички викенд, а за што Владата има издвоено 9 милиони денари.

Од една страна овие средтсва се значајни за задоволување на потребите на пензионерите, но и овие средства се трансферираат кон туристичките капацитети што е значајно за туристичко-угостителскиот сектор особено имајќи во предвид дека најголем дел од овие смени се реализираат во еден период кој е надвор од класичната туристичка сезона односно во период во кој туристичките капацитети имаат помала побарувачка, нагласи владиниот портпарол.

Овој проект предвидено е да продолжи да се реализира и во 2017 година со опфат од дополнителни 2.500 пензионери. Дополнително за пензионерите продолжува и реализацијата на проектите „Бесплатна банско климатска рекреација“, континуираното зголемување на пензиите, обезбедувањето на бесплатен превоз во автобускиот и железничкиот сообраќај во поедини денови или викенди.