Општина: Охриѓани добро знаат дека СДСМ е главен виновник за лошата состојба во Проаква

Во врска со соопштението од ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид, во која стои:

„Очигледно ги живееме деновите кога СДСМ Охрид сериозно оптеретени од бремето на минатото, а во обид да ги исперат сопствените гревови, притоа обвинувајќи некој друг, се јавија во јавноста со смешен обид да добијат некој ситен политички поен.

Со кое лице денес со соопштение се јавија оние кои прво ја доведоа „Проаква“ до банкрот со долг од 10 милиони евра, а потоа ја приведоа неговата продажба при крај со услов за бркање на 420 вработени, зголемување на тарифата на водата за 40% и формирање на ново претпријатие кое ќе ги преземе побарувањата на „Проаква“ во висина од 6 милиони евра, заедно со преземање на основната дејност (собирање на тарифи за вода, одведување на атмосферски води и канализација), а долгот од 10 милиони евра да си остане на товар на претпријатието кое згора на тоа би останало без основните приходи. За вакво ли менаџирање и домаќинско работење, денес, се огласија гробарите на „Проаква“ ?!

Почитувани,

Граѓаните мошне добро паметат и знаат. Не е добро да го потценувате нивниот интелект и нивната меморија. Или можеби сакате да кажете дека трошење на 34 000 евра за преку 90 фактури за ручеци за помалку од три месеци на истото претпријатие кое патем должело 10 милиони евра е вашиот модел за успешно менаџирање?!

Едно е јасно и граѓаните на Охрид добро го знаат тоа дека главен виновник за целокупната лоша состојба во претпријатието сте само вие и никој друг. Отворено ве прашуваме дали сите претходно споменати факти се случуваа кога директор беше Томе Паскалоски или пак сето тоа се случи во време кога ваш другар беше на чело на претпријатието?“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.