Царинската управа на регионална конференција за поедноставување и хармонизација на царински постапки

Денес (6 октомври 2016 година) претставници на Царинската управа на Република Македонија учествуваа на Регионална конференција на тема „Поедноставување и хармонизација на царинските постапки во регионот“. Домаќин на Регионалната конференција е Стопанската комора на Македонија и истата е дел од Програмата на партнерскиот проект со коморите од ЦЕФТА – земјите и Унијата на трговско–индустриските комори на Германија (ЦЕФТА-ДИХК).

Учесници на Регионалната конференција се претставници од бизнис заедницата, стопанските комори, бизнис асоцијациите и владини претставници. Целта на Конференцијата е согледување на реалната слика на практичната примена на царинските постапки во регионот, од аспект на унифицираност и функционалност, како и на можностите за целосно електронско поврзување на системите, со посебен акцент на функционирањето на е-Царина. На конференцијата воведно обраќање имаа министерот за економија г-дин Дриотн Кучи, претседателот на Стопанската комора г-дин Бранко Азески и директорката на Царинската управа на Република Македонија г-ѓа Наташа Радеска-Крстевска.

Во своето обраќање, директорката на Царинската управа истакна дека олеснувањето на трговијата е од особена важност за Република Македонија и дека царинската администрација е свесна за својата улога на еден од главните носители на сите мерки и активности за постигнување на прифатливи резултати на овој план. За таа цел, Царинската управа на Република Македонија има спроведено повеќе проекти и низа реформи кои резултираа со поедноставување, олеснување и забрзување на царинските постапки, со што се овозможи побрзо и полесно спроведување на економските активности, а со тоа поголема конкурентност на домашната економија, подобри услови за водење бизнис и привлекување на инвестиции.

Претставниците на Царинска управа имаа излагање за поедноставувањето и олеснувањето на царинските постапки, при што беше презентирана и компаративната анализа за време на процесирање на пратки на граничните премини (проект реализиран во соработка помеѓу Царинска управа и Економски факултет при Универзитетот Св Кирил и Методиј), новините во царинскиот закон на ЕУ, како и поедноставени царински постапки од аспект на примена на концептот на Овластен економски оператор.