Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод смртта на г. Михал Ковач, прв демократски избран претседател на Словачката Република и еден од основачите на Движењето за демократска Словачка, упати писмо со сочувство до г. Андреј Киска, Претседател на Словачката Република.
„Почитуван господине Претседател,
Со длабоко жалење ја примив веста за смртта на еден од основачите на Движењето за демократска Словачка и прв демократски избран претседател на Словачката Република, г. Михал Ковач.
Дозволете ми, господине Претседателe, во овој тажен миг за Вас и за словачкиот народ, од името на граѓаните на Република Македонија и од свое име, да упатам изрази на искрено сочувство. Во мугрите на независноста на Словачката Република, претседателот Ковач придонесе за демократизација на државата и нејзините европски и евроатлантски интеграции. Благодарение и на неговите заложби, Словачката Република денес е значајна и почитувана земја-членка на Европската Унија и НАТО.
Токму во негово време, Република Македонија и Словачката Република воспоставија дипломатски односи, кои се надоврзуваат на длабоките корени на македонско-словачкото пријателство.
Ве молам, господине Претседателе, изразите на сочувство да ги пренесете до пријателскиот словачки народ и до семејството Ковач.“- се вели во писмото.