Министерот Спасовски на средба со кандидатите за полициски службеници кои не се ангажирани во МВР

Министерот Оливер Спасовски, денеска, на нивно барање, се сретна со претставници на 34 кандидати за полициски службеници кои ја поминаа соодветната обука во класата 2015/16, но не се ангажирани во МВР. Министерот Спасовски им соопшти дека целосно стои зад нивните барања и дека ја имаат неговата поддршка за ангажирање во МВР, но за тоа да се реализира потребна е согласност и од Министерството за финансии, кое пред неколку месеци одби да даде таква согласност.

„За да излезам во пресрет на вашите барања, а и затоа што МВР има потреба од ваков кадар, за чија обука се потрошени соодветни средства, побарав согласност од министерот за финансии за ваше ангажирање, но од таму добив негативен одговор. Јас уште еднаш ќе го доставам барањето до Министерството за финансии, а ќе доставам барање и за 54 кандидати од последната обука, кои исто така не се ангажирани. Веднаш штом добиеме согласност од министерот за финансии, ќе бидете ангажирани“, рече министерот Спасовски.

Претставници на кандидатите за полициски службеници му се заблагодарија на министерот Спасовски за неговата поддршка и залагање за решавање на нивниот статус.