Честитка од претседателот Иванов по повод 11 Октомври – Денот на народното востание

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

„Почитувани граѓани на Република Македонија,

Ако постои една идеја што како светилник нè водела низ бурите на историјата, тоа е идејата за слобода на Македонија. Благодарение на таа идеја, ние сме наоѓале сила да се помириме и да ги надминеме поделбите.

Минаа 75 години од 11 Октомври 1941-та, од денот кога македонскиот народ се дигна на востание за ослободување на Македонија од нацистичкиот и фашистичкиот окупатор. Следуваа најтешките години исполнети со многу борби, жртви и искушенија. Иако соочени со многупати посилен и подобро вооружен непријател, борците во Народноослободителната борба не потклекнаа и заедно со слободољубивиот народ на Македонија храбро маршираа кон слободата. На 2 август 1944-та, на нашиот втор Илинден, тие се изборија за државотворниот АСНОМ. Нивното дело го продолжија основоположниците на независна Република Македонија. На 8 септември 1991-та, пред 25 години, го остваривме нашиот трет победоносен Илинден.

11 Октомври беше возможен поради свежите сеќавања за илинденската епопеја. Но, без 11 Октомври 1941-та ние ќе го немавме ниту вториот ниту третиот Илинден. Благодарение на 11 Октомври, се изборивме и за слобода, и за државност и за независност.

Нишката што ги поврзува сите наши Илиндени е идејата за слобода на Македонија која ги надминувала и порамнувала сите разлики. Оваа година на двоен јубилеј нè затекна меѓусебно поделени и раскарани. Премногу долго, длабоката политичка криза ја исцрпува енергијата на нашето општество и економија и им ја одзема перспективата на нашите млади. Неопходно е разрешување и надминување на кризата. 11 Октомври и 8 Септември треба да бидат потсетување дека само ако се помириме, ако си простиме и се сплотиме, ќе можеме да ја зачуваме слободата, сувереноста и независноста на нашата заедничка татковина – Република Македонија.

Како што се изборивме за слободата, државноста и независноста, така денес треба да се бориме за чување на придобивките и градење просперитетна иднина за нашите потомци.

Треба да им бидеме благодарни на сите кои учествуваа во остварувањето на стремежот за слобода, државност и независност. Нам ни останува да го чуваме сето тоа што го имаме.

Нека ни е за многу години 11 Октомври, Денот на народното востание!

Да живее Република Македонија!“– стои во честитката.