Македонија У21 на Европско првенство

Репрезентацијата на Македонија испиша историја, За првпат една наша фудбалска селкција се наоѓа на завршниот собир на едно континентално првенство, откако во последниот натправар од квалификациската група 3 славше победа над Шкотска со 2:0 и благодарение на поразот на Исланд од Украина успеа да го освои првото место.

На преполната арена „Филип Втори” избраниците на селекторот Благоја Милевски од почетокот на натпреварот ја презедоа иницијативата, атакуваа кон голот на Шкотите, создаваа шанси и силно ја посакуваа победата. Кире Маркоски во 18 минута го отвори резултат, за четири минути подоцна Барди да ги отстрани сите дилеми и да го постави конечниот резултат на средбата. До крајот на првиот дуел, нашите фудбалери можеа да жалат што не постигнаа уште некој погодок. Кире Маркоски се најде во нова добра ситуација за погодок, но одличната реакција на чуварот на мрежата на Шкотите не му дозволи да се израдува на нов погодок. Бабунски пропушти да реализира најстрога казна во 38 минута од средбата, нова добра интервенција на гостинскиот голман.

Во продолжението Македонија го диктираше темпото на игра, имаше се под своја контрола и не дозволи противникот да направи некакво изненадување. На крајот сосема заслужена победа. Репрезентацијата на Исланд во вториот натпревар од групата 3 на домашен терен беше поразена со 4:2 од селекцијата на Украина, резултатот кој нам ни одеше најмногу во прилог, за освојување на првото место во групата и дебитантски настап на Европското првенство во Полска за фудбалери до 21 година.

МАКЕДОНИЈА – ШКОТСКА 2:0 (2:0)

МАКЕДОНИЈА: Алексовски, Бејтулаи, Зајков, Велковски, Демири, Барди (88’ Аврамовски), Николов, Бабунски (80’ Костадинов), Радески (84’ Ѓоргев), Маркоски, Ангелов

Селектор: Благоја Милевски

ШКОТСКА: Фултон, Камерон, Хендерсон, Јаковити, Џулс, Харди, МекБарни, Барт, Џоунс, Вајтон, Шипард (58’ Рос)