Наскоро во функција новиот објект на Македонската филхармонија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска изврши увид во градежните работи за изградба на објектот на Македонската филхармонија, кој е во завршна фаза и за кој се инвестирани околу 35 милиони евра.

„Според она што ми го кажаа преостануваат уште неколку месеци за целосно завршување на објектот. Најголем дел од работите се веќе завршени. Првпат Македонија ќе добие посебен објект на Филхармонијата, изграден според највисоките меѓународни стандарди, пред се во делот на акустиката“, рече Груевски по посетата.

Тој посочи дека Македонската филхармонија своите концерти сега ги држи во Домот на армијата кој што, како што рече, не е толку соодветен колку што треба да биде и да прилега за една филхармонија и од аспект на големина, но и од аспект на акустика.

mobi_filharmonija_640_-7

„Новиот објект што се гради е согласно највисоките стандарди во светот за изградба на концертна сала за филхармонија. Не само што се внимаваше при изработката на објектот за да се запазат сите највисоки стандарди за филхармонија, туку е ангажиран и дополнителен експерт кој изврши надзор и дополна на она што беше претходно испроектирано од страна на компанијата изведувач. На тој начин се осигура дека ќе се постигнат највисоките стандарди,“ оцени Груевски.

Тој рече дека ќе следат тестирања на објектот од ансамблот на Македонската филхармонија, по што ќе треба да даде свое видување дали се задоволни од направеното, а ќе бидат поканети и луѓе од странство кои имаат големо искуство при изградба на вакви објекти и тие ќе треба да дадат оценка како е направен.

mob_ifilharmonija_640_-6